Search

Морено: Асанж ја користеше еквадорската Амбасада за шпионирање

Основачот на Викиликс Џулијан Асанж повеќе пати ги прекршувал одредбите од кауцијата и ја користел еквадорската Амбасада за шпионирање, изјави претседателот на Еквадор Ленин Морено за британскиот весник „Гардијан”.

Лондонската полиција го „извлече” Асанж од зградата на Амбасадата во четвртокот откако му беше укинат седумгодишниот азил, отворајќи пат за негова екстрадиција во САД под обвинение за најголемо протекување на американски доверливи податоци во историјата.

Односите на Асанж со оваа латиноамериканска земја беа прекинати откако Еквадор го обвини за објавување на информации за личниот живот на Морено.

Морено во разговорот за „Гардијан” објавен денеска, негираше дека постапил од одмазда поради начинот на кој се објавувани документи за неговото семејство. Тој рече дека жали затоа што Асанж ја користел Амбасадата на Еквадор за да е меша во внатрешните работи на демократска земја.

– Секој обид за дестабилизација е непријателски чин кон Еквадор, затоа што ние сме суверена земја и ја почитуваме политиката на секоја друга земја, изјави Морено за „Гардијан”.

– Не можеме да дозволиме нашата Амбасада, куќата која ја отвори својата врата, да стане центар за шпионирање, истакна тој.

Приврзаниците на Асанж наведуваат дека Еквадор го предал по налог на Вашингтон, тврдејќи дека укинувањето на неговиот азил е нелегално и оти тоа претставува мрачен момент за слободата на печатот.

Треба да знаете
Последни објави