Search

Моралес потврди дека е подготвен наскоро да се врати во Боливија

Ево Моралес, кој поднесе оставка од функцијата боливиски претседател на 10 ноември, е подготвен да се врати во матичната земја за да помогне во нормализирање на ситуацијата и да престане насилството, објави во четвртокот весникот „Ел универзал“.

„Ако моето враќање во Боливија ќе помогне да се воспостави мир во земјата, ќе се вратам уште утре. Ме боли да гледам колку многу луѓе загинаа“, рече Моралес.

Тој, исто така, ги повика вооружените сили и полицијата на Боливија да не ги окрвават рацете со крвта на сонародниците. Моралес истакна дека неговата оставка мораше да биде прифатена од боливискиот парламент и дека ќе се врати дома ако тоа не се случи.

Претседателските избори во Боливија се одржаа на 20 октомври. Според Врховниот изборен суд во Боливија, на изборите победи Ево Моралес. Неговиот главен ривал, експретседател Карлос Меса, изјави дека нема да ја признае победата на Моралес во првиот круг. По објавените резултати од гласањето почнаа протестите.

Армијата, опозицијата и синдикатите побараа Моралес да се повлече. На 10 ноември претседателот ја објави својата оставка опишувајќи ги овие случувања како државен удар.

Во вторникот Моралес пристигна во Мексико, каде што му беше даден политички азил. Во меѓувреме, боливискиот сенатор Жанин Ањез се прогласи за привремен претседател на земјата. Уставниот суд во Боливија го поддржа предавањето на власта.

Ањез во меѓувреме изјави дека Моралес не може да се кандидира на кои било следни избори, но дека неговата партија може. Таа посочи дека „Движењето за социјализам” на Моралес има полно право да учествува на изборите и дека оваа партија може да си бара кандидат, не сметајќи на доскорешниот претседател и поранешниот потпретседател на Боливија, Алваро Гарсија Линера.

Таа порача дека сака повторно да се воспостави стабилност во Боливија, но дека приврзаниците на Моралес, кој се засолни во Мексико, ја обвинуваат за присвојување на власта.

Треба да знаете
Последни објави