Search

МОН: Започнаа подготовките за тестирањето за Меѓународната студија ПИРЛС 2021

Со вебинари на коишто учествуваат наставници кои држат настава на ученици од четврто одделение и директори од сите училишта во државата, Министерството за образование и наука ги започна подготовките за претстојното тестирање за Меѓународната студија ПИРЛС 2021 година.

Како што соопшти МОН, со оваа меѓународна студија се проверува оспособеноста на учениците од 9-10 годишна возраст за читање со разбирање, а Република Северна Македонија во тестирањето ќе учествува заедно со околу 50 држави од целиот свет. Подготовките ќе траат до стартувањето на тестирањето и во нив се вклучени Бирото за развој на образование и Државниот испитен центар.

Министерката за образование и наука Мила Царовска им посака успешна обука на наставниците и директорите, посочувајќи дека тие се најважната алка во постигнувањето на добрите резултати на тестирањата.

-Подобрувањето на квалитетот и зголемувањето на ефикасноста на образованието според современите светски образовни стандарди, се клучни цели на нашата образовна политика. За таа цел ја организираме и оваа обука којашто треба да ни ги подобри резултатите на претстојните тестирања за Меѓународната студија. За резултатите од тестирањата да станат наша национална гордост е потребна огромна посветеност и работа од сите нас. Затоа наставниците и начинот на којшто тие ќе го пренесат знаењето на децата ни се клучни во овој процес и во резултатите коишто ќе ги постигнеме идната година, рече Царовска.

Меѓународното оценување, како дел од концепцијата што ќе го поддржи државното тестирање, опфаќа студии за оценување од големи размери во која учествуваат голем број земји. Една од целите на ваквите студии е да се обезбедат податоци што можат да се користат за да се направат меѓународни споредби во однос на постигањата на учениците.

Ова тестирање опфаќа прашалници за ученици, родители, наставници и директори и се добиваат резултати за тоа како културната средина, наставната практика, целите на наставните програми и систематското уредување на образованието влијаат врз постигањата на учениците, соопшти Министерството за образование и наука .

Треба да знаете
Последни објави