Search

„Монструм”: Презентирана целосна анализа за спроведениот увид по масакрот

Во Кривичниот суд во Скопје, на денешното рочиште за случајот „Монструм”, за петкратното убиство кај Смилковско Езеро, се читаше документација од извршениот увид за случајот.

Во документација беа посочени сите детали како бил спроведен увидот по убиството.

Адвокатката на семејствата на загинатите појасни дека денеска е презентирана целосна анализа направена од земени примероци, докази и се што било потребно за да се спроведе увидот на најсоодветен начин, бидејќи, како што посочи таа, за претходното судење одбраната велела дека била направенаа оскудна и несоодветна постапка.

Претходно, како што јави МИА, обвинителката Фатиме Фетаи, на почетокот на рочиштето истакна дека таа во јуни оваа година добила прислушувани материјали од обвинетиот во случајот „Диво Насеље”, Шефчет Халачи, поврзани со случајот „Монструм” за петкратното убиство кај Смилковско Езеро.

Халачи ѝ се јавил на Фетаи и ѝ кажал дека има 140 гигабајти прислушувани разговори кои тој му ги праќал и на Ел Чека, таа му кажала тие снимки да ги испрати неа и до поранешното Специјално јавно обвинителство.

Обвинителката Фетаи појасни дека меѓу снимките што ѝ ги пратил Халачи, покрај за „Монструм”, има материјали и за други случаи што ги водеше поранешното СЈО, а сега ги води Обвинителството.

Овие снимки јавноста веќе ги има слушнато и тоа се разговорите кои ги воделе бизнисменот Орце Камчев и новинарката Оливера Трајковска за овој случај.

Фетаи на денешното рочиште за „Монструм” истакна дека сите материјали кои ги добиле во СЈО од Халачи му се предадени на Судот.

За петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм” го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.

Следното рочиште за случајот „Монструм” е закажано за 19 декември.

Треба да знаете
Последни објави