Search

Момировски: Бараме да се истражи апликацијaта што СДСМ ја користел за прибирање податоци од граѓаните

„Денеска, во Државната изборна комисија разговарав за нашите вчерашни претставки до повеќе институции, во кои искажавме сомнеж за регуларноста на овие избори во контекст на апликацијата што Социјалдемократскиот сојуз ја користел во прибирање податоци од граѓаните за кои се сомневаме дека завршиле во серверот на Социјалдемократскиот сојуз.
Како потврда на нашите сомнежи дојде вчерашното повлекувањето на апликацијата од сервисот на „Гугл плеј“ и подоцна и падот на серверот на СДСМ, каде што се сомневаме дека се складираат лични информации и податоци на граѓаните, се сомневаме дека на тој сервер има голем број матични броеви на граѓани што се собрани од страна на екипите на СДСМ што одат од врата на врата“, изјави Горан Момировски, член на тимот на кандидатката за претседател Гордана Силјановска.

Тој додава дека со претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, разговарале за тоа кои се надлежностите на ДИК и што може тие да направат и тој му ветил дека сè што е во рамките на ингеренциите на Комисијата ќе биде преземено и ќе се истражат наводите за нерегуларности во контекст на тоа ДИК што може да направи во овој случај.

„Се разбира, за нас остануваат отворени прашањата дали има поврзаност помеѓу падот на серверот на ДИК пред 20-ина дена во исто време кога СДСМ ја подготвува и ја објавува апликацијата од сервисот на ‘Гугл плеј’ и исто така имаме сериозни прашања во врска со претставникот на Социјалдемократскиот сојуз во ДИК во екипата што работела на прочистување на изборните списоци. Тоа лице имало пристап до матичните броеви на сите граѓани и се сомневаме дека можеби и во овој случај е направена некаква илегална активност, што директно загрозува низа македонски закони, загрозува низа индивидуални човекови права, пред сè, се разбира во контекст на изборното право.

Имаме контакти и со Јавното обвинителство, со него дополнително ќе разговараме за мерките што тоа треба да ги преземе и се надеваме дека веќе ги презело, но меѓутоа очекуваме дека јавноста ќе биде информирана што точно се случило во овие 15-ина дена со помош на апликацијата што СДСМ ја објавил на ‘Гугл плеј’. Навистина, Македонија заслужува, особено овој период пред добивање на датумот за преговори за членство со ЕУ, да имаме фер и коректен изборен процес и дека навистина тоа ќе се случи. Меѓутоа, за тоа да се случи, мора институциите да ги расчистат сите дилеми во врска со овој случај, што ние го нарекуваме ‘големото око’“, додаде тој.

Треба да знаете
Последни објави