Search

Моди избра жена обвинета за тероризам за кандидат на изборите

Прагја Такур, која една деценија се бори против обвиненијата за планирање бомбашки напади врз муслимани, минатиот месец беше избрана за кандидат на владејачката индиска партија на премиерот Нарендра Моди на парламентарните избори во кои тој се бори за втор мандат.

Такур, која во 2017 година беше ослободена со кауција, брзо прерасна во симбол на хинду-националистичкото движење кое покажува сè поголема нетолеранцијата кон муслиманите во Индија.

Во текот на петте години од владеењето на Моди се забележува зголемен број напади врз муслиманите од страна на десничарски групи. Кандидатурата на Такур шокираше многумина бидејќи претставува прв случај каде што една од водечките политички партии во Индија има кандидат обвинет за тероризам.

Такур тврди дека нема никаква врска со експлозијата што се случи во 2008 година во близина на неколку џамии во градот Малегаон во западна Индија, каде мнозинството се муслимани. Шест муслимани беа убиени, а повеќе од сто луѓе беа повредени, а според судските извештаи, мотоциклот на кој биле прицврстени експлозивите ѝ припаѓал Такур.

Индискиот закон им овозможува на кандидатите обвинети за злосторства, но не и на осудените лица, да се кандидираат на изборите.

Моди и лидерите на партијата ја бранеа својата одлука, велејќи дека на Такур ѝ е дадена шанса да се кандидира за да докаже дека обвинувањата против неа се лажирани.

Треба да знаете
Последни објави