Search

Могерини: Северна Македонија треба заедно со Албанија да добие датум за почеток на преговорите

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска во Брисел оствари билатерална средба со заменик-претседателот на Европската комисија и висок претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини.

На средбата, Република Северна Македонија уште еднаш доби силно признание за сработеното од заменик-претседателот на Европската комисија и висок претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика.

Федерика Могерини истакна дека останува цврсто на ставот дека Северна Македонија треба заедно со Албанија да добие датум за отпочнување на преговорите во периодот јуни – јули. Ова, посочи таа, ќе го препорача на сите министри за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ, во текот на наредната недела.

Од регионот, беше посочено на средбата, доаѓаат и добри вести, а договорот од Преспа и договорот со Бугарија се примери како можат тешките прашања да се затвораат со храбри одлуки.

Република Северна Македонија е единствена во регионот која ги има затворено сите прашања со соседите, во која функционираат институциите и во која постои определба и волја и во која се работи на исполнување на реформските процеси.

Претседателот Пендаровски рече дека граѓаните на Република Северна Македонија, поради се што е направено и заслужено, очекуваат нашата држава да добие датум за почеток на преговорите со Европската унија. Тоа, посочи Претседателот, ќе биде од значење и за стабилноста на регионот.

Како претседател на Република Северна Македонија ги повика лидерите на земјите-членки на Европската унија да ја зачуваат кредибилноста на проширувањето, врз основа на јасни и праведни критериуми за членство, во согласност со индивидуалните заслуги и постигнувања на секоја земја од регионот.

Првата меѓународна посета на Стево Пендаровски како претседател на Република Северна Македонија е Брисел. Претпладнево, тој оствари средба со претседателот на Европскиот совет Доналд Туск.

 

Треба да знаете
Последни објави