Search

Могерини: Северна Македонија и Албанија го завршија својот дел, сега истото да го направи и ЕУ

Врз основа на строга и фер проценка, оваа година по вторпат Европската комисија препорачува отворање преговори со Албанија и со Северна Македонија. Тие две земји го завршија својот дел од работата и сега е на ред Европската унија да ја исполни својата улога. Сега, очигледно, по нашата препорака, топката е кај Советот на Европа, изјави денеска високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини на презентацијата на „Пакетот проширување 2019″.
– Северна Македонија и Албанија ја прифатија можноста и ги спроведоа реформите. Историскиот Преспански договор со кој се става крај на спорот за името со Грција и зајакнување на добрососедските односи, како што беше направено со Бугарија, е нешто што сите го цениме, го признаваме и го вреднуваме како историска пресвртница, на само за земјата, туку и за регионот, изјави Могерини на денешната заедничка прес-конференција со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.
Таа потенцира дека Албанија спровела „импресивна имплементација на длабоката и амбициозна правна реформа” преку повторната евалуација на сите судии и обвинители, што дава конкретни резултати.
Могерини  рече дека Европската комисија дала позитивно мислење за барањето на Босна и Херцеговина за добивање кандидатски статус за членство во Европската унија, но оти истовремено Еврокомисијата побарала бројни детални задачи кои треба да се спроведат во сферата на демократијата, владеењето на правото, основните човекови права и јавната администрација.

Што се однесува на Турција, Могерини посочи дека земјата останува кандидат за членство, клучен партнер и стратешки важен сосед на ЕУ.

– Турската Влада ја декларира својата посветеност на пристапувањето во ЕУ, но гледаме дека земјата продолжува да се оддалечува од Европската унија. Ние веруваме дека би било корисно за сите, а особено за турските граѓани, ако овој тренд веднаш биде насочен во спротивен правец, што ние веднаш ќе го поздравиме, потенцира Могерини.

Таа заклучи дека целиот регион на Западен Балкан треба да постигне поодлучни резултати за клучните области како што се владеење на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал, фундаменталните права и воспоставувањето демократски институции.

Треба да знаете
Последни објави