Search

МНР досега нема потврда дека се злоупотребувала дипломатска пратка за шверц на цигари и пијалаци

Министерството за надворешни работи тврди дека досега нема потврда за злоупотребување на дипломатска пратка, откако во медиумите излегоа информации дека во камион со кој се пренесувала дипломатска пратка биле шверцувани цигари и алкохол.

„Изминативе неколку дена во јавноста се појавија информации од повеќе места за наводна злоупотреба на дипломатска пратка. Дозволете да информираме дека во рамките на Министерството за надворешни работи дадена е насока на нашите служби да ја прегледаат целата документација, да се проверат сите информации од страна на дипломатско конзуларните претставништва, со цел проверка на ваквите наводи. Според првичните информации добиени во изминативе два дена, не е најдена никаква трага во Министерството, за евентуална пратка која би можела да биде основа за злоупотреба. 

Дополнително, дадена е насока и во рамките на нашите дипломатско конзуларните претставништва за проверка на сите добиени информации за евентуални случаи со приведени наши граѓани, кои би можеле да бидат слични со пласираните наводи. Засега и од нашите претставништва не е добиена информација за евентуален сличен случај, кој би можел да соодветствува со наводите. 

Иако нема потврда за постоење на ваков случај, министерството има политика на нулта толеранција за злоупотреба или евентуално фалсификување на дипломатски документи или документи на институцијата, и оттука,  Министерството за надворешни работи во следниот период ќе продолжи со темелни проверки на појавените наводи и за тоа соодветно ќе ја информира јавноста“, стои во соопштението на МНР.

  „МКД.мк“ вчера објави дека камион управуван од возач со македонски пасош бил запрен на влез во Италија од Словенија и при проверката било утврдено дека се шверцуваат цигари и алкохолни пијалаци. Според изворот на кој се повика порталот, возачот при рутинските гранични формалности покажал документи што потврдувале дека се превезува дипломатска пошта. Но се чини дека нешто не се совпаѓало во документацијата, па поради сомнеж бил активиран скенерот на граничниот премин и потоа бил извршен претрес, што вообичаено не се прави кога станува збор за дипломатска пошта. Според „МКД.мк“, сличен случај имало и летово.

 

Треба да знаете
Последни објави