Search

Мнозинството граѓани сметаат дека Заев би бил подобар премиер од Мицкоски

Во најновото испитување на јавното мислење на Агенција Рејтинг, направено во рамките на сопствените редовни активности за следење на промените во изборното расположение на граѓаните, Агенцијата преку куса анкета се обиде да дознае како јавноста ги перцепира можните кандидати за премиер на идната Влада.

Анкетата беше спроведена на примерок од 1080 испитаници, од 18 до 29 Јануари со метод интервју лице в лице, а статистичката грешка изнесува од -3 до +3%.

Првото прашање во анкетата гласеше: „Кој е според Вас најважниот проблем со кој моментално се соочува Република Северна Македонија?“. Од одговорите на граѓаните стана јасно дека како три најважни проблеми се издвојуваат ниските плати и животниот стандард, криминалот и корупцијата и невработеноста. На четврто место следат високите трошоци за живот, а веднаш потоа иселувањето на луѓето.

Граѓаните потоа одговараа на прашањето: „Дали Влада предводена од СДСМ или Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ може подобро да се справи со најголемиот проблем со кој се соочува земјата?

На ова прашање 30% од испитаниците одговориле дека со тој проблем подобро може да се справи Влада предводена од СДСМ, а 26% рекле дека тоа е Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

На прашањето: „Кој потег, активност или мерка превземена од Владата на СДСМ во изминатите две и пол години го сметате за најпозитивен?“, предничат покачувањето на платите, минималната и просечната, а потоа напредокот во Евроатланските интеграции. На трето место е зголемувањето на социјалната помош.

Ако се има предвид дека Владата предводена од СДСМ во последните две и пол години интензивно работеше на решавање на спорот за името и на конечно деблокирање на процесите за евроатланското интегрирање на Македонија и дека земјата е веќе пред полноправно членство во НАТО и пред добивање датум за започнување на преговори за членство во ЕУ, овие одговори на граѓаните се сосема очекувани.

Покачувањето на платите, но и зголемувањето на социјалната помош, според оваа анкета станува се повидливо за граѓаните, како резултат од работењето на владата на СДСМ.

Во следниот сет на прашања ја меревме перцепцијата на граѓаните за тоа дали Влада предводена од Зоран Заев или Влада предводена од Христијан Мицкоски би се справила подобро со различните проблеми и предизвици со кои се соочуваме како држава.

Како што може да се забележи од резултатите, граѓаните во значително повисок процент сметаат дека СДСМ може да обезбеди побрзо членство на државата во ЕУ и НАТО и да осигура поголема слобода и демократија. Исто така, за 4% повеќе граѓани сметаат дека СДСМ може да обезбеди подобар економски стандард од ВМРО-ДПМНЕ и исто толкав процент повеќе, дека може да обезбеди поголема независност на судството. Во однос на другите мерени области нема значајни разлики во одговорите, односно ниту една од партиите нема значајна предност. Она што треба да се забележи е дека процентот на граѓани кои се изјасниле дека ниту Влада предводена од Заев ниту од Мицкоски може да го намали криминалот и корупцијата е значително висок, односно дури 44% од анкетираните се изјасниле вака.

Мнозинството граѓани, според ова испитување на јавното мислење, сметаат и дека Зоран Заев би бил подобар премиер од Христијан Мицкоски. На прашањето: „Дали според Вас подобар иден премиер на државата би бил Зоран Заев или Христијан Мицкоски„ 32% од анкетираните рекле дека тоа би бил Заев, додека 27% рекле дека тоа би бил Христијан Мицкоски.

Мнозинството граѓани негативно ја оценуваат работата на техничките министри кои ги постави ВМРО-ДПМНЕ во Владата. На прашањето: „Како ја оценувате работата на техничките министри на ВМРО-ДПМНЕ во Владата?“ високи 44% рекле дека нивната работа ја оценуваат негативно, додека 35% рекле дека ја оценуваат позитивно. Еден од пет испитаника не знае или нема мислење за работата на техничките министри на ВМРО-ДПМНЕ.

 

 

 

Треба да знаете
Последни објави