Search

„Многуте лица на тироидната жлезда – Аларм за свест”, настан за подигнување на јавната свест за болести на тироидната жлезда

Во Градскиот парк во Скопје денеска се одржа настан во рамки на кампањата за подигнување на јавната свест за заболувањата на тироидната жлезда насловена како „Многуте лица на тироидната жлезда – Аларм за свест”, во организација на Здружението на лекари по општа – семејна медицина.

На поставениот штанд, граѓаните имаа можност да разговараат за различните типови пореметувања на тироидната жлезда, симптоми и третмани со доктори експерти во областа од истоименото здружение, но и да добијат бесплатни брошури во кои дополнително и подетално се објаснети нарушувањата на тироидната жлезда и симптомите кои се поврзуваат со секое од нив.

-Улогата на матичниот – семејниот лекар не се состои само во индивидуално лекување на одредени состојби и болести на пациентите. Нашата улога е пред сè во превенција, промоција на здравје и здрави навики  и едукација насочена кон целото население. Токму поради тоа, Здружението на лекари по општа – семејна медицина ја организира оваа здравствена кампања, која има за цел подигнување на јавната свест за заболувањата на тироидната жлезда. Со ова сакаме да ја поддржиме кампањата која се организира секоја година на глобално ниво, во меѓусебна соработка со Научното Здружение на ендокринолози и дијабетолози, Здружението на нуклеарна медицина, како и компанијата Варус заштапништво Мерк како покровител,  изјави д-р Катерина Ковачевиќ, специјалист по семејна медицина и претседател на Здружението на лекари по општа медицина – семејна медицина

Кампањата „Многуте лица на тироидната жлезда – Аларм за свест” се организира по повод Интернационалната Недела за Подигнување на Свеста за Тироидната жлезда (ITAW), која официјално трае од 25 до 31 мај.

Треба да знаете
Последни објави