Search

Младите од Велес работеа на уредување на Градскиот парк

Членовите на Младинскиот клуб од Велес на Младински образовен форум преку акцијата „Сите за парк – паркот за сите” викендов работеа на уредување на Градскиот парк во градот. 

Беа бојадисани 14 клупи за седење од кои три беа целосно репарирани и поставени нови даски за седење, а младите собраа и две метри кубни смет од јавните површини во градскиот парк.

Претседателката на МОФ од Велес, Стефани Спировска изјави дека целта на акцијата била да се разубави неискористениот јавен простор, да се поврзе младата популација со уличната уметност  и да пренесе пораката дека младите преку креативност и проактивност можат да придонесат за јавните површини.

Акцијата ја спроведе Медиа/Арт клубот – Велес, како завршен настан на одржаните работилници за креативен и младински активизам во изминативе месеци. Членови на клубот се млади на возраст од 15-20 години. 

– Оваа акција, покрај подобрувањето на состојбата на клупите, опфати и собирање на отпадоци и смет во паркот. За акцијата имавме помош од Општина Велес, а истата се спроведе во рамки на проектот Fostering Youth Activism through Online Media, поддржан од National Endowment for Democracy, информира Спировска.

Младинскиот клуб  од Велес е место каде младите луѓе можат неформално да стекнат знаења какокреативно да ги изразат своите ставови и идеи.

– Младите членови добиваат можност да научат како да снимаат видеа и аудио прилози, да создадат фото приказна, да научат за перформативна и урбана уметност итн.  Предавањата во клубот ги држат млади луѓе со искуство во ова поле на дејствување. Во моментов, постојат пет клубови на програмата Медиа/Арт на национално ниво и тоа во Куманово, Скопје, Тетово, Битола и Велес кои активно работат на создавање креативни и интересни содржини на општествено релевантни теми кои се од интерес на самите членови, појаснува Спировска.

Треба да знаете
Последни објави