Search

Мијалков, Џафери и Беџети ќе сведочат за „Монструм”

Со сведочење на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков и советникот на поранешниот престедател Ѓорге Иванов, Синиша Алексовски на 27-ми февруари ќе продолжи рочиштето за предметот „Монструм”, кој се однесува за убиените момчиња и рибарот на Смилковското езеро во 2012 година. Како сведоци треба да се појават и поранешниот вицепремиер, Муса Џафери и екс министерот за правда Блерим Беџети.

Покрај лидерот на ДУИ, Али Ахмети денеска сведочеше и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, кој за време на убиството бил гласноговорник на партијата,  но и хирург во Државната болница.

По нив сведочеше и обвинителот Џелал Бајрами како тогашен заменик министер за внатрешни работи, во времето кога министерка за внатрешни работи беше Гордана Јанкулоска. Во одговор на  едно од прашањата поставени од обвинителката Фатиме Фетаи, рече дека не се согласувал со изјавата на министерката Јанкулоска, која тогаш изјавила дека ги имаат сторителите на убиството, што според него, погрешила и не било договорено тоа да се каже, туку дека само истрагата е во тек и има осомничени лица.

Праксата да им се овозможи на медиумите да обезбедат инсерти од денешното рочиште, овој пат беше прескокната. Претседателот на судечкиот совет Огнен Ставрев по реакција на новинарите пред сведочењето на лидерот на ДУИ, Али Ахмети рече дека веќе започнало рочиштето и не дозволи да се снима и фотографира.

Треба да знаете
Последни објави