Search

Мишел: До мај ќе биде јасно каква ќе биде реформата на проширување на ЕУ за Балканот

Новоизбраниот претседател на Европски совет Шарл Мишел во интервју за полскиот весник „Газета виброча” изјави дека до мај и самитот ЕУ-Балкан ќе биде јасно како ќе изгледа реформата на Европска Унија и дали истата ќе биде формален услов за согласност за отпочнување преговори на Унијата со Северна Македонија и Албанија.

– Дали ја поддржувам француската идеја за реформи на проширувањето? Тоа е многу повеќе од француска идеја бидејќи на Самитот почувствував интерес од голем број земји. Јас замолив да го избегнеме гласањето, да си дадеме дополнително време за подготовка на одлуката. И во седмиците што следат ќе имаме стратешка расправа. Во мај не очекува самит за Балканот и се надевам дека дотогаш ќе можеме да ја разјасниме ситуацијата, посочи Мишел.

Тој наведе дека станува збор само за тоа дали се отвораат преговори или не со две држави туку и за дебатата за реформи на самиот процес на проширување, на пример со воведување на реверзибилност на одредени чекори во проширувањето во случај на назадување во реформите.

Мишел одговарајќи на прашањето „Дали реформата на процесот на проширување ќе биде формален услов за согласност за старт на преговорите со Албанија и Северна Македонија?” истакна:

– Ако сега дадам изјави на таа тема само би го отежнал процесот на одлучување, наведе Мишел.

Тој додаде и дека ЕУ мора да одлучи каква стратешка политика ќе гради кон соседите на Унијата, додека за односите со Русија наведе дека треба да продолжи политиката на два колосека – санкции, но и дијалог.

– Во односите со Русија клучно е единството на ЕУ, посочи Мишел.

Тој апелира и за единство во ЕУ и за прашањето за миграцијата, при тоа додавајќи оти Унијата мора да инсистира на европски и хуманитарни вредности.

– Но, во исто време во согласност со европската легислатива мораме да ги поставиме работите појасно, ги примаме луѓето кои ги исполнуваат критериумите да останат во Европа, но во исто време ја зголемуваме ефикасноста на враќање на тие кои не ги исполнуваат критериумите за меѓународна заштита, посочи новиот претседател на ЕС, Мишел.

Треба да знаете
Последни објави