Search

Мицотакис ја претстави владината програма на Нова демократија

Намалување на даноците, намалување на невработеноста, 2000 евра надомест за секое новороденче, кампања за промоција на „брендот Македонија”, подобро јавно здравство и јавно образование, се дел од приоритетите во програмата на Нова демократија за следните четири години доколку партијата по изборите на 7 јули дојде на власт.

Лидерот на најголемата грчка опозициска партија и кандидат за иден премиер на Грција, Кирјакос Мицотакис на настан во Атина ја презентираше четиригодишната програма, базирана на 16 големи столбови, односно 16 области кои веќе се објавени во брошура на 20 страници која, како што рече Мицотакис, масовно ќе се дели за да стигне до секој граѓанин, јави дописничката на МИА од Атина.

-Тоа е нашата лична карта во нашиот контакт со граѓаните и пасош за да ни изрази доверба, рече Мицотакис.

Економски развој и инвестиции; нови работни места; помалку даноци; работни односи; недвижен имот; поддршка на семејството и справување со демографскиот проблем; солидарност за оние кои имаат потреба; квалитетно јавно здравство; безбедност на граѓаните; заштита на границите на земјата; современи училишта и универзитети; заштита на животната средина; функционирање на државата; земјоделство; инфраструктура и меѓународни сојузништва се 16те точки од програмата на Нова демократија.

-Прв приоритет е јак развој што ќе создаде многу нови и добри работни места, рече Мицотакис и објави низа намалувања на даноците што се однесуваат на бизнисите.

За невработеноста рече дека до крајот на 2023 може да се намали бројот на невработени на нешто повеќе од 560 илјади, најави зголемување на најниската плата што до 2022 би можела да стигне до 750 евра.

Говорејќи за даноците објави дека тие ќе се намалат за сите граѓани, а ДДВ-то ќе се намали и ќе изнесува 22% и 11%, при тоа задржувајќи го и најнискиот од 6%. Особен акцент Мицотакис стави на средната класа која беше најпогодена од антикризните мерки истакнувајќи дека „Нова демократија ја поддржува и е средната класа”.

-Недвижниот имот на Грците, повторно ќе добие вредност, рече Мицотакис, најавувајќи намалување за 30% на специјалниот данок на сопственост.

Лидерот на Нова демократија рече дека е потребна „поддршка на семејството, односно поддршка на новите семејства” и справување со демографскиот проблем и најави дека од први јануари 2020, ќе се дава додаток од 2000 евра за секое новороденче.

Говореше и за мерките за лицата со посебни потреби и инвалидитет, но и за промени во јавното здравство. Според Мицотакис, Нова демократија акцентот ќе го стави превенцијата и дијагностицирањето со бесплатни превентивни испитувања.

Најави имплементација на законот за забрана за пушење на јавни места, како што рече, почнувајќи од грчкиот Парламент.

Говорејќи за безбедноста на граѓаните, најави мерки за поддршка и помош на грчката полиција со набавување на панцири за полицајците и 1000 нови полициски возила.

– Грците треба да се чувствуваат безбедно во нивните домови и нивните населби. Безбедноста е демократско право и предуслов за просперитет, рече Мицотакис

Во однос на заштита на границите и бегалскиот проблем рече дека „и во морето има граници” и тие ќе се погрижат да бидат заштитени, најави промени и забрзување на процесот за добивање азил за бегалците, а оној кој нема да добие азил „веднаш ќе се враќа во Турција врз основа на договорот ЕУ –Турција”.

Последната област во четиригодишната владина програма на Нова демократија е позицијата на Грција во Европа и на меѓународно ниво, односно надворешната политика на земјата. Мицотакис рече дека неговата партија секогаш пред партискиот го става националниот интерес и уште еднаш ја повтори намерата за спроведување кампања за промоција на „брендот Македонија”.

-Во соработка со приватниот сектор планираме меѓународни кампањи за поддршка на брендот на нашата земја, но и кампања за реалната и вистинската наша Македонија со цел да се одново да се врати реалноста, да се промовираат брендот Македонија и македонските производи на меѓународната сцена, рече Мицотакис.

Едночасовниот говор и презентирањето на програмата, лидерот на Нова демократија го заврши со повик до Грците на изборите на 7 јули да му дадат силен мандат за да може да ја имплементира програмата за подобра и посветла иднина на земјата.

Треба да знаете
Последни објави