Search

Мицотакис: Грција ќе стави вето во ЕУ ако во решението за Либија не е вклучено поништување на меморандумот со Турција

Доколку политичкото решение за Либија не вклучува поништување на потпишаните меморандуми со Турција, тогаш Грција ќе стави вето во ЕУ и тоа на ниво на министри за надворешни работи, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за грчката телевизија „Алфа”, јави дописничката на МИА од Атина.

– Сакам да бидам целосно јасен и ова им го пренесов и на моите европски колеги. Грција на ниво на Самит на ЕУ нема никогаш да прифати политичко решение за Либија кое што како предуслов нема да го има поништувањето на меморандумите. Ќе ставиме вето на ниво на министри за надворешни работи. Значи повторувам. Во никој случај Грција нема да се согласи со политичко решение во Либија, кое нема да го има како предуслов поништувањето на овие меморандуми, особено на меморандумот за решавање на наводните морски зони меѓу Либија и Турција, рече Мицотакис.

Во однос на претстојната конференција за Либија што в недела ќе се одржи во Берлин, а на која Грција не е поканета, Мицотакис наведе дека требаше земјата да учествува за да разговара „за иднината на една земја чија стабилност ја интересира и Европа, а особено ја интересира Грција”.

Грчкиот премиер паралелно истакна дека за конкретното прашање денеска телефонски ќе разговара со германската канцеларка Ангела Меркел.

Треба да знаете
Последни објави