Search

Мицотакис: Грција доби претседателка која ги обединува сите Гркинки и сите Грци

Со големо мнозинство беше избрана првата жена претседател на Грција, Екатерини Сакаеларопулу, извонреден правник, извонреден судија, личност која ги обединува сите Гркинки и сите Грци, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис веднаш по гласањето во Парламентот и изборот на Сакаеларопулу за претседателка на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис додаде дека „денеска е важен, убав, сончев ден за Грција”, истакна дека земјата влегува во нова ера со прва жена претседател и денеска се отвори прозорец кон иднината, а Грција за претседател на државата добива личност која ја симболизира транзицијата во нова ера.

-Од првиот момент кога започна овој процес реков дека ќе се стремам да предложам личност која ќе го симболизира единството на грчкиот народ. Драго ми е што резултатот на денешното гласање потврди дека за големите работи сепак можеме да се согласиме. Новата Грција што се разденува влегува во нова ера со прва жена претседател на Грција, госпоѓата Екатерина Сакеларопулу. Денеска се отвори прозорец кон иднината и како што нашата земја влегува пооптимистички во третата декада на 21 век, за претседател на државата добива личност која ја симболизира токму оваа транзиција во нова ера, рече Мицотакис и додаде дека е сигурен дека со Сакеларопулу ќе имаат ефективна соработка „секогаш во корист на татковината”.

Веднаш по гласањето, грчкиот премиер, телефонски разговараше со новата претседателка на земјата, ѝ честиташе и изрази задоволство што беше избрана уште при првото гласање и со толку широко мнозинство.

Треба да знаете
Последни објави