Search

Мицкоски: Ставот за името ќе го искажеме по лидерската средба

Мицкоски: Ставот за името ќе го искажеме по лидерската средба

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред почетокот на работната вечера од процесот „Жан Моне“ што се одржува во Охрид беше прашан за неговиот став во врска со предлогот, Република Илинденска Македонија, кој сега фигурира како најприфатливо решение и од македонска и од грчка страна.

„На завршната вечера од процесот Жан Моне очекувам да дознаам од моите соговорници што се договорило за време на работниот дел од овој процес, така да дури тогаш ќе ги имам прецизните детали. Што се однесува до прашањето за предлогот да ја почекаме лидерската средба, по која ќе имаме став“, кратко одговори Мицкоски.

Тој исто така рече дека засега нема впечатоци за тоа како течат преговорите и напомена дека за сериозни теми сака да располага со прецизни информации.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ исто така беше прашан дали нему лично му се допаѓа предлогот Република Илинденска Македонија, на што тој кратко одговори: „Мене лично ми се допаѓа Република Македонија“.

Првиот работен состанок во рамки на процесот „Жан Моне“, инициран од европратениците Иво Вајгл, Кнут Флекенштајн и Едуард Кукан е заокружен со вечера на која присуствуваат лидерите на парламентарните политички партии, премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на ДУИ – Али Ахмети, на ДПА – Мендух Тачи, Зијадин Села од Алијансата на Албанците и од Беса, Билал Касами.

Треба да знаете
Последни објави