Search

Мицкоски: Прифаќаме партиите да се откажат од финансирање, повикуваме и министрите и функционерите да работат бесплатно за државата

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, одговори на новинарски прашања

 

Новинарско прашање: Господине Мицкоски вчера на прес конференција министерката предложи како дел од мерките за справување со корона вирусот да се скратат парите за политичките партии, ваш коментар?

Одговор: Намерата за министерката Дескоска не е за да заштити пари од буџетот, затоа што ако имаше таква намена тоа ќе го направеше многу порано на поинаков начин, не на ваков начин. Но ние како ВМРО-ДПМНЕ и на предходните претседателски избори, но и овие парламентарни избори ќе ги дочекаме како единствена политичка партија во Европа која што има незаконски замрзнат имот и без исплатени пари за функционирање, односно тековно годишно функционирање на партијата и се снаоѓаме на начин на којшто се снаоѓаме. Намерата на г-ѓата Дескоска е сосема поинаква, но јас ќе ја искористам оваа прилика да ја поддржам нејзината намера. Да, добро е да се грижиме за средствата да останат во буџетот и да бидат вистински наменети. Но, исто така сакам да ја мотивирам, да ја охрабрам нејзе, нејзиниот зет за сестра коишто имаа сериозно високи примања и останатите функционери во владата, министри, заменици, држани секретари, именувани и избрани лица, во периодот додека им трае мандатот, од денеска па натаму да работат про боно, да се откажат од високите плати, да се откажат од илјадниците евра хонорари, надоместоци, да се откажат од привилегиите во основ на репрезентација, да се откажат од луксузот во којшто уживаат. Ајде да ја видиме Рената Тренеска Дескоска и да ги видиме останатите именувани и избрани функционери на СДСМ еднаш во овие дваесет и девет години независност на државата да се стават над сопствениот и партискиот интерес, да се стават во функција на државата и да се откажат, да работат про боно. Како што сите ние работиме про боно за интересите на државата. Ја повикувам да се охрабри, а јас кажувам дека министрите и оние коишто ќе бидат дел од таа владина седница кога таа ќе го даде овој предлог ќе ја подржат. Истовремено очекувам пред ова точка, да ја стави точката каде што ќе се донесе Уредба со сила на закон каде што  сите министри во владата, сите заменици, сите државни секретари, сите избрани и именувани лица ќе се откажат и ќе работат про боно до завршувањето на нивниот мандат. Ја повикувам да се охрабри и еднаш да се надмине себеси, да ги надмине интересите на нејзината политичка партија и да ги стави интересите на граѓаните и на државата пред се и веднаш како втора точка, да ја стави точката да партиите се откажат од овогодишното финансирање, јас и ветувам дека министерот присутен од ВМРО-ДПМНЕ на таа владина седница ќе го подржи безусловно нејзиниот предлог.

Новинарско прашање поставено преку електронска пошта: Дали се согласувате со предложените економски мерки на владеачката партија СДСМ, а особено не интересира мерката за скратување на платите на администрацијата и просветните работници?

Одговор: Во прес конференцијава дадовме одговор на тоа прашање или еве уште еднаш да одговорам ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи ваква урамниловка, ВМРО-ДПМНЕ еве на оваа прес конференција предложи јасен план за намалување на кризата, затоа што во изминативе 29 години поминавме многу кризи, поминавме светска криза, поминавме европска должничка криза, поминавме воен конфликт во 2001 година , поминавме болна транзиција, многу предизвици и никогаш никому не му падна на памет да предложи ваква мерка како што ја предлага СДСМ и Зоран Заев. Нашиот предлог е методолошки објаснет и очекуваме на следната седница на владата истиот да биде прифатен, а овој предлог на СДСМ и Зоран Заев да биде одбиен.

Новинарско прашање поставено преку електонска пошта на Саше Ивановски „Мактел“: Господине Мицковски, како партија, еден ден ќе подадете рака на владата околу Корона, следниот ден ќе прогласите дека завршил медениот месец за Филипче кој никогаш реално и не постоел, вие против него водите црна пропаганда со месеци, потоа пак ќе подадете рака кон владата па дури и ќе ги осудите нападите кон Филипче, за веќе следниот ден пак ќе се предомислите, и така од ден за ден правите ФЛИП – ФЛОП како ќе ви текне, имате ли вие како партија една стратегија како да се поставите во однос на Корона вирусот и да се држите до тоа, зошто толку осцилации, делувате несериозно како некаква неорганизирана хаотична организација?

Одговор:  Она што ВМРО-ДПМНЕ го прави изминатиов период навистина можат да му позавидат голем број европски опозициски партии и е различно од тоа што го правеше СДСМ, ако се сеќавате во минатото кога постоеше турболентна политичка состојба и наместо да биде во функција на справување тие фарбаа и уништуваа државен имот со цел да дојдат до пусти пари и пуста власт. Ние како ВМРО-ДПМНЕ ќе го потсетам господинот Саше Ивановски, дека ние уште 26 февруари имавме прес конференција, претседателот на комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ предупреди за сето ова што сега се случува и постави неколку прашања , 10 дена потоа реагираа од министерството, а потоа господинот Филипче повика да не се кревало паника и лажни вести, за 10 дена потоа освен неговите капацитети како портпарол ние не видовме нешто конкретно. Но и покрај тоа ние работевме дававме предлози, дел беа отфрлани, дел со задоцнување беа прифаќани, така што не можам да го разберам тоа прашање освен во насока дека и покрај сите обиди на ВМРО-ДПМНЕ да се стави над ситуацијата поедини структури се обидуваат  да ја политизираат целокупната состојба и докажуваат дека за гол пи-ар за ништо друго не станува збор.  Претпоставувам дека сега нема да има прес конференција туку најпрво соопштенија па фејсбук статус, а дури потоа во текот на денот 5-6 часа прес конференции. Тоа не е начин како треба да се справуваме, ако некој нема визија тоа се тие, преку министерот за здравство  Венко Филипче. Понатаму ако очекуваат да ние замижуваме за девијантното однесување каде што ќе треба да се увезуваат респиратори 5 до 10 пати поскапи тогаш во нас таков сојузник нема да најдат, напротив ќе ги критикуваме. Ако мислите дека треба да ги премолчиме сите профитери кои што во услови на криза 40 пати ги зголемуваат цените на средствата кои треба да ги користат граѓаните и да се превенира ширењето на пандемијата, кај нас таков сојузник нема да најдат.

 

Новинарско прашање поставено преку електонска пошта на Саше Ивановски „Мактел“: Нели сметате дека кога имате министер за МВР и заменик за финансии а требаше да имате и министер за труд и социјала ама од тоа сами се откажавте, дека тоа е сосема доволно за ЗАЕДНО со СДСМ и ДУИ да го понесете товарот и одговорноста околу кризата, зошто не го спуштивте гардот овој период и не доцневте да повикувате за единство во вакви времиња на криза, зошто одбравте да политизирате и ловите политички поени со секојдневни рафали усмерени кон владата, нели се плашите дека тоа ќе биде контра продуктивно дека народот ќе го разбере тоа спротивно од вашата цел, дека народот ќе ви се налути што мислите на своите партиски рејтинзи во време на криза?

Одговор: Точно од денеска гледано  пред 10 дена беше мојата прес конференција кога покрај загриженоста за здравјето презентиравме и сет мерки кои што се неопходни час поскоро во економијата. И тогаш ако се сеќавате имаше изјава од страна на Владата, од техничкиот Претседател на Владата, Оливер Спасовски дека на компаниите кога ќе им треба помош, Владата ќе им помогне. Од пред десет дена е прв пат предлозите на ВМРО-ДПМНЕ преку прес конференција беа споменати, јас лично ги кажав тие предлози, десет дена потоа апсолутно ништо нема направено оперативно спроведено по основа на тие предлози. На крајот гледаме дека се се врти околу тие предлози со мали лесни модификации што се на штета на стопанството и на граѓаните. Така што на денешнава прес конференција уште еднаш внимателно ги замолувам да ја прочитаат и повторно ќе кажам не треба ловориките ниту на мене, ниту на ВМРО-ДПМНЕ, постапете по ова што ти ви го предлагаме, имате јасен план како да дојдете до една милијарда евра, како граѓаните и стопанството да не ги почувствуваат во прв бран последиците од оваа пандемија. Постапете само по ова, и јас од самиот почеток сите ловорики ви ги префрлам на тебе господине Зоран Заев, на тебе господине Оливер Спасовски, на тебе г-ѓа Шеќеринска, вие сте тие коишто сте ја решиле кризата, само постапете по ова коешто ви го кажуваме. Нас таква слава не ни треба, а дали граѓаните ова ќе го ценат контрапродуктивно кон ВМРО-ДПМНЕ или кон СДСМ, ќе видите на следните предвремени парламентарни избори, или како што стојат работите можеби и поинакви избори.

Новинарско прашање поставено преку електронска пошта на Саше Ивановски „Мактел“:

Вашите предлози за економски стимулативни мерки се масивни од финансиски аспект, тежат можеби 1 милијарда евра, од друга страна токму вашата ВМРО ДПМНЕ ја задолжи земјата и ја доведе до задолженост од 50% од БДП со што сега и кога се позајмуваме пола од тие пари се за одплата на стари долгови, сметате ли дека и наштетивте државата на долг рок со таквото финансиско неодговорно владеење и во вакви моменти како сега со Корона, земјата е во неповолна состојба заради веќе големата задолженост за земја од наш калибар и кредитен рејтинг?

Одговор: Еве ние презентиравме јасен план како да дојдеме до една милијарда евра, слободно нека ги аплицираат овие пари, само нека не кратат од работниците, затоа што тие работници не живеат по принципот евро – за евро, тие работници живеат од тие тешки и мачни пари кои ги заработуваат за да можат да си ги прехранат семејствата. Тие немаат возен парк од Мајбах и Бентли, тие едвај кубурат да си ги платат режиските трошоци, немојте да удирате по нив, не е тоа начинот како да се справиме со оваа криза, напротив еве ви јасен план како да обезбедите една милијарда евра и веднаш апелирам до владата на СДСМ да ја примени оваа методологија којашто ја предлагаме, вака применета ќе значи на прв бран а може и најтешкиот бран справување, да граѓаните и бизнис заедницата не ги почувствуваат негативните ефекти од пандемијата.

 

 

Треба да знаете
Последни објави