Search

Мицкоски побара независно тело да ги анализира прислушуваните разговори на обвинителите

Претседателот на  ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на протестниот марш во Кочани упати барање до Владата да се формира независно тело кое што ќе го предводи човек на предлог на опозицијата и кое што ќе ги преслуша, анализира, систематизира прислушуваните разговори на сите судии и обвинители.

„Веднаш да се формира независно тело  кое што ќе го предводи човек на предлог  на опозицијата, кое што ќе ги преслуша, анализира, систематизира  сите материјали кои што се собрани изминативе две години како резултат на црнит вотергеј на Заев, односно прислушувањето на сите судии и обвинители. Да ги видиме нарачаните пресуди  за поткуп, да ја видиме нарачаната пресуда за „Глобал“ , да видиме како нарачувате обвиненија за луѓето од 27 април, да видиме како нарачувате обвиненија за ВМРО-ДПМНЕ“, рече Мицкоски.

Тој побара и оставка од министрите за надворешни и за внатрешни работи, Никола Димитров и Оливер Спасовски.

„Бараме итна и неотповиклива оставка на министерот којшто својата нација ја нарече искомплексирана нација. Министерот кој благодарение на ова нација која го полни буџетот зема плата, ужива во привилегиите да се школува неговото семејство надвор од Република Македонија со стипендиите кој овој народ ги обезбедил и итна и неотповиклива оставка на министерот за терор и прогон т.е. полиција, Оливер Спасовски затоа што откако е министер само порази шпиунски акции, претреси и омаловажувања на нашите браќа и сестри, граѓани на Република Македонија“, рече Мицкоски.

Тој упати и барање до Владата веднаш да сопре иницијативата за покачување на даноците во Република Македонија и да престане осиромашувањето на бизнисот и на граѓаните.

Побара и продолжување на проектот за гасификација на Македонија од централно до општинско ниво, за, како што рече, вистински почист воздух  за сите граѓани во Република Македонија.

Треба да знаете
Последни објави