Search

Мицкоски од Кочани: Премиерот лаже дека е спасен идентитетот, а МАНУ ќе го менува името

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска, се сретна со жителите на населбата Ламели во општина Кичево и со пензионерите на Кичево, соопшти ВМРО-ДПМНЕ. На средбите, како што наведува партијата, Мицкоски посочил дека во земјата, откако СДСМ е на власт, има сè потешко секојдневие, неправди на секој чекор и огромна неспособност на власта да донесе подобар стандард за граѓаните.

„Неправда е кога премиерот лажно ќе кажува дека е спасен идентитетот, а МАНУ, која е еден од столбовите на државноста, ќе го менува своето име, неправда е кога Заев ќе биде ослободен за поткуп, а недолжни граѓани ќе ги полнат затворите. Неправда е и кога власта ќе вети дека ќе има 500 евра просечна плата, а во реалноста има 500 илјади што живеат во сиромаштија“, истакна Мицкоски.

На средбата со пензионерите од Кичево тој истакна дека тие се измамени од страна на Заев и неговата неправедна власт, која нема пари за пензионерите, но има за црни тендери и луксузирање на функционерите.

Над 300 илјади пензионери се измамени од Владата на Заев. Наместо покачување, добија кратење. За поголеми пензии нема ниту збор. А ветуваа и повисоки пензии и подобар стандард, но ништо од тоа, вели Мицкоски.

Тој на средбите со жителите на Кичево исто така додаде дека власта ветуваше економија за сите, а во реалноста ги зголеми даноците, ветуваше ефикасно здравство, а добивме здравство во кое умираат луѓе.

Мицкоски исто така потенцира дека на земјава секојдневно ѝ се случуваат криминали, тарифи што се испорачуваат во еден ресторан во источна Македонија како поткуп за тендери на власта, како и политички прогон против неистомислениците.

„Власта сака да нè втурне во црно сценарио на поделби, неправди и прогон. Тоа нема да донесе иднина. Во овие моменти се обединуваме и само така можеме да ја смениме иднината, да се избориме за подобро утре, за сонот за Македонија, за спас на државата од сигурна пропаст. Затоа, да се избориме за правда и владеење на правото“, заврши Мицкоски.

Треба да знаете
Последни објави