Search

Мицкоски: Ова што се случува мора да заврши со предвремени парламентарни избори

Ова што се случува во државата мора да заврши со предвремени парламентарни избори, изјави денеска лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за Алсат М.

– Апелирам за разум, да се седне и да се повикаат пратеничките групи и да се организираат предвремени парламентарни избори. Граѓаните нека одлучат дали овие политики на политичари ќе ја добијат поддршката или ќе дојде некоја нова генерација на политичари, изјави Мицкоски.

Во однос на Преспанскиот договор и како ќе постапи ВМРО-ДПМНЕ доколку дојде на власт, Мицкоски рече дека ставот на партијата за договорот останува ист.

– Рековме дека ова е капитулантски договор и задира директно во посебноста на македонскиот народ, нација и во македонската држава. Потребно е да се спомене фактот дека за да се случи чекор назад, правно и легалистички за што се бори и залага ВМРО-ДПМНЕ, на нас ни се потребни 80 пратеници во Собранието и услов од Бадентер. Се што е надвор од тоа ќе биде обична лага, конструкција и обид за манипулација, изјави Мицкоски.

Тој истакна дека опозицијата е под политички терор од страна на власта, односно во Македонија се врши политички прогон. Мицкоски напомена и неколку корупциски и криминални скандали во кои се вмешани високи функционери на власта, па ги потсети дека и за нив ќе важи членот 353 став 5 од Кривичниот законик кој се однесува на злоупотребата на службена должност.

-Ние како ВМРО-ДПМНЕ, како структура подготвени сме на овој политички прогон, политички терор. Но ќе ги потсетам на она што го напишав на крајот од мојата колумна вчера. И Зоран Заев, но и сите функционери на СДСМ и оваа влада, тоа што си го дробеле, тоа ќе го сркаат. Членоt 353 став 5 ќе важи и за нив, вели Мицкоски.

Прашан дали е можен договор за Законот за јавно обвинителство, Мицкоски, рече дека нема амбиент во државата за да функционира политичкиот дијалог меѓу позицијата и опозицијата.

– Во овие услови вакви, какви што се. Под политички прогон и терор, конструирани обвиненија, нарачани пресуди и прогонот што се прави врз ВМРО-ДПМНЕ, врз сегашни и поранешни функционери, едноставно нема амбиент. Не е само законот за ЈО на маса, сега на маса треба да се најде и темата кога предвремени парламентарни избори, изјави Мицкоски.

Треба да знаете
Последни објави