Search

Мицкоски не ја прифати поканата да се обрати на протестот пред Собранието

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска се приклучи на протестот против уставните измени пред Собранието, но иако повикан не се обрати на импровизираната бина.

Неколкупати, преку микрофонот на импровизираната говорница демонстрантите го повикаа Мицкоски да се обрати на граѓаните и јавно да им каже дали ќе гласаат или ќе одбијат да гласаат, но тој не се одзва на нивните повици.

– Последен пат ве повикуваме да им кажете на овие луѓе тука дали ќе гласате или не. За последен пат го повикувам претседателот на ВМРО-ДПМНЕ да дојде на нашата импровизирана говорница да се обрати на македонскиот народ. Доколку не сака да се обрати ќе пуштам музика да славам, затоа што, Христијан Мицкоски не сака да се обрати, изјави еден од демонстрантите на микрофон.

По неколку повици и направен отворен пат до импровизираната бина, насобраните граѓани почнаа да негодуваат и да дофрлаат кон Мицкоски.

Мицкоски, во изјава за медиумите од пред Собранието, претходно рече дека ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За Подобра Македонија” на денешната седница нема да дадат легитимитет за промената на Уставот затоа што, како што додаде, таквите измени немаат легитимитет од  граѓаните.

– Цврсто сме убедени дека тие се штетни и оставаат траен белег врз македонското национално достоинство и го менуваат идентитетот, пред се институционалниот, изјави Мицкоски.

Тој, исто така, ги повика граѓаните да не подлегнуваат на провокации, ниту на измислени информации и конструкции од инфилтрирани полициски структури.

Треба да знаете
Последни објави