Search

Мицкоски: Неправдата каде било е закана за правдата секаде

Само слабите не се осудуваат да бидат праведни, а оваа власт од ден на ден е се послаба, но со тоа и се понеправедна. Неправдата било каде е закана за правдата секаде. Се поставува прашањето: што е неправда?

-Неправда е кога Премиерот ќе каже дека имало амнестија, поради пазар, односно само поради тоа што требало да се обезбеди 2/3 мнозинство за договорот со кој државата го менува името?

-Неправда е и кога мнозинството на народот ќе биде против, а сепак ќе смени името на државата и идентитетот нацијата.

-Голема неправда е кога родителите на 4 деца од Смилковско се уште тажат и бараат правда за убијците на своите чеда, кои остануваат неказнети, а Зоран Заев им ветуваше кога тогаш, кога ќе има можност вистинските сторители ќе ги изведе пред лицето на правдината.

-Неправда е и додека други родители на патриоти тажат за 211-те години затвор за случајот со 27-ми април.

-Неправда е кога синот на Ченто, исто како трите чеда на Ангелов и другите притворени ќе треба 15 години да растат без своите родители, додека оваа власт претходно направи широка амнестија на над 1000 осудени криминалци.

-Неправда е и кога ќе се загуби живот во болница поради недостаток на кревет или недостаток на лекарства.

-Неправда и кога за болните ќе немаат лекови на квота после 10-ти во месецот.

-Неправда е што македонските лекари земаат плата многу помала од ветената, исто како и  наставниците и професорите, и тие  немаат поголема плата, односно ја немаат онаа која што им ја ветуваше Зоран Заев,  слична е и ситуацијата кај пензионерите, пензиите им се кратат наместо да растат.

-Неправда се и криминалните бизниси, тендерите во 4 очи и корупцијата која немилосрдно расте.

-Неправда е и непотизмот, и незаслуженото вработување на роднини на функционери, позади кои стои по еден млад човек кој не го добил тоа работно место, не затоа што е неспособен туку затоа што не е нечив роднина, односно не е роднина на луѓето од власт.

-Неправда е и неплатената мака на земјоделците.

-Најголема неправда е потрошениот талент и уништениот живот од Заевизмот.

Нашите животи ја губат смислата тогаш кога наместо да зборуваме ќе замолчиме пред неправдите, затоа ние денес сме гласни повеќе од кога било порано, повеќе пред секоја  една неправда, зошто само така ќе ја победиме. Поместувањето на планината започнува со малите камења, а овој процес е одамна почнат. Затоа сега е време да ги казниме, да ги промениме работите.  Да покажеме кичма и карактер, која тие сакаат да ја немаме, против секоја твоја, наша и заедничка неправда донесена од оваа власт. Да бидеме гласни, и да победиме, да ја донесеме правдата, да се избориме за нашите правдини, да победиме за Македонија. Да победиме за нашата Македонија.

Треба да знаете
Последни објави