Search

Мицкоски: Излезете и гласајте поради себе и своите семејства, гласајте поради Македонија

Велеше не распишувал предвремени парламентарни избори, затоашто ќе не прекршел, епа види дали ќе не прекршиш или ќе бидеш прекршен најпрвин на 21 Април, а потоа и на 5 мај се разбира крајот ќе дојде на предремените парламентарни избори господине Заев, му порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг за подршка на претседателскиот кандидат, Гордана Силјановска. Мицкоски рече дека можат и да го убијат и да го уапсат, но тој нема да се откаже од правда за Македонија.

-Македонија е разбудена. Македонија е на нозе и Македонија е подготвена да победи браќа и сестри, добри луѓе. Македонија ја носи промената, промената која ќе донесе правда над неправдите, ќе донесе надеж поразувајќи ја безнадежноста. Бајракот на победата се вее гордо високо. И овде пред мене, јас не гледам “сурати”, како што би кажал еден човек којшто сака  има втора желба да биде претседател. А со него се слагаат овие внатре, скриени во овие згради овде кои сега се со начулени уши, туку да чујат, убаво да чујат, дека овде и насекаде во Македонија каде што бев и допрва ќе одиме има горд и убав народ, убави лица кои ја носат ведрината која е потребна на нашата земја, кои знаат дека за  Македонија оди напред потребна е казна за сите неправди, за сите грешни политики, и кога прашањето е Македонија, одговорот е народот, народот на оваа земја се вика македонски народ којшто си ја сака Македонија, рече Мицкоски.

Тој рече дека Македонија ја гледа како земја на среќни граѓани, кои се почитуваат едни со други, си подаваат рака во тешки времиња и заеднички ја носат својата среќа, како членка на ЕУ, каде ќе стигнеме само преку макотрпна работа, исполнување на стандарди и принципи.

-Јас ја гледам Македонија како земја каде Македонците отсекогаш во историјата живееле заеднички и сложно со своите сограѓани Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци, Еѓипјани и сите останати.  Јас ја гледам Македонија како место каде владее правдата, се почитува правдата се почитува правната држава и владеењето на правото, каде сите сме еднакви пред законот и Уставот, и секој еден кој го прекршил ќе одговара. Ќе одговара без оглед на неговата припадност, општествена или политичка. Јас ја гледам Македонија како место во кое земјоделците се задоволни од пласманот на она што со мака го произведуваат. Имаат ценет труд, каде невработените наоѓаат работа, а вработените добиваат повисоки плати. Јас ја гледам Македонија каде нашите деца  растат безгрижно.  За Македонија која нижи спортски успеси, за финале во фудбал на европско првенство каде ќе се виори македонското знаме, македонското сонце. Каде заедно навиваме за фудбалските мајстории на Елиф Елмас, на Пандев. Јас ја гледам Македонија како земја каде заеднички се радуваме на одбраните на Борко Ристовски, на головите на Кире Лазаров, на играта Стоилов кој нема да биде играчот број 5, туку Стојанче Стоилов заедничкиот херој на многу граѓани од Дебар до Делчево, од Гевгелија до Куманово. Јас ја гледам Македонија како идеја, муза и инспирација за која вреди да се живее и умре, потенцира Мицкоски.

Тој вели и дека еден ден после многу време – ќе можете гордо да кажете затоа што татковината ме повика! Јас бев еден од оние кои ја донесоа правдата за Македонија!

-Знам дека и овој дожд е бериќет не врне секаде по плоштадите во Македонија, па нека не наврне и овде во Скопје вреди за ова да се живее, ви благодарам од срце. Кога доаѓав наваму се видов со мајка ми ми рече: „внимавај синко тешки времиња се, дали ова што го правиш ќе вреди со пот?“ Јас го избрав мојот пат, мојот пат е правда за Македонија и нашите животи не вредат пет пари ако немаме правда за Македонија, може и да не убијат и уапсат ама вербата во правда за Македонија никогаш нема да исчезне, рече Мицкоски.

Тој на граѓаните им порача дека овие избори се многу важни, дека сите треба да излезат да гласаат, затоа што, според него, Македонија треба да се одбрани со гласачко ливче. Ги повика сите да гласаст за Сиљановска, за да може, како што рече, Македонија да застане на цврсти нозе, бидејќи оваа власт не прави ништо друго, туку урнисување на државата.

-Што можете да очекувате од Пендаровски, кој на граѓаните им кажа да не му се појавуваат пред очи ако не победел. Тој ли личи на претседател, зборува за некакви бачила, сурати, и се обидува да го замае народот со евтини шеги, ист е како Заев. И тој тук-тек со некој евтин хумор се обидува да ги насмее неговите гласачи, а во крајна линија дури и да запее на лош англиски јазик и да се докажува дали „мавтосување“ е македонски збор или дијалект. Не знам дали овие луѓе е праведно да бидат на чело на државата, истакна Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ испрати порака до членовите на СДСМ кои се разочарани од власта.

-Ќе ги споменам и разочараните членови на СДСМ, оние на кои вистински им значи Македонија и кои знаат дека корупцијата и криминалот не се работи кои се оправдуваат, но се обраќам и до оние кои чекореа по овие улици и вистински се понадеваа дека ќе се изборат да има правда и да има мир. Знаат дека ниту правда се донесе, ниту мир се постигна. А воедно Заев ги предаде сите идеали во кои веруваа. И не е ова СДСМ на кое се надеваа, ова е Зоран Заев кој нив ги измами.Сега е моментот кога треба да бидете доследни на она во што верувате, бидејќи живот без идеали е како куќа без темели. А што е животот во Македонија? Ништо, дрво без корен. Македонија е во нас околу нас, таа е наша емоција и наша суштина. Се да имаме Македонија ако ја немаме, ништо немаме. Ќе ги споменам и пензионерите, оние на кои оваа власт им изрази непочитување, на кои им го укинаа законско предвиденото зголемување на пензиите, а пензиите не се покачија ниту за денар. Власта која ги казнува и не реализира ниту еден проект за нив, оние луѓе кои во староста треба да имаат спокоен живот, а го немаат зошто власта не ги почитува. Време е сега вие да ја казните власта, порача Мицкоски.

Тој испрати посебна порака на оние кои сакаат да ги бојкотираат изборите.

-Сакам да се обратам до оние кои цврсто заговараат бојкот, а кои сепак во своите срца ја носат идејата за Македонија. Ние сме браќа и сестри по нашата кауза, и знам дека имате 1.000 причини да бидете разочарани, повлечени, бесни, и не велам дека за се не сте во право, но ви се обраќам искрено, без ракавици, во име на организацијата со историско име и завет ВМРО, имате една причина зошто морате да излезете, таа се вика Македонија. Бојкотот на овие избори знаете дека му помага само на Заев, и тој потајно тоа го посакува и на тоа се надева, и на тоа работи. Некогаш треба да се биде молчалив и да се чека прилика кога треба да се биде гласен, ова е твое време. Сега треба да се биде гласен. Дојдете во нашето семејство, затоа што со нас имате многу повеќе заеднички работи, отколку со оваа однародена власт. Бесот нека не ви биде поголем од љубовта кон татковината, која знам дека длабоко во срцето ја имате. Дојдете заеднички да се бориме против ова зло. Излезете и гласајте, не барам да гласате поради мене или ВМРО-ДПМНЕ, гласајте поради себе и своите семејства. Гласајте поради Македонија, рече тој.

Фото: Слободан Ѓуриќ

Треба да знаете
Последни објави