Search

Мицкоски: До 10 септември ќе соопштиме дали ќе повикаме на бојкот на референдумот

Мицкоски: До 10 септември ќе соопштиме дали ќе повикаме на бојкот на референдумот

ВМРО-ДПМНЕ до десетти септември, односно до почетокот на кампањата за референдумот, ќе го соопшти својот став дали ќе повика на бојкот или да се излезе и да се гласа против.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за Канал 5 потврдува дека добил понуда за влез во владата, но демантира дека барал измени на кривичниот законик кои би значеле амнестија за претходното раководство на ВМРО-ДПМНЕ.
Ставот на најголемата опозициска партија е дека СДСМ се однесувале непринципиелно и дека опозицијата не била консултирана во врска со формулацијата на референдумското прашање.
Извори од партијата велат дека опозиционерите не се единствени во однос на тоа дали треба да се бојкотира изјаснувањето на граѓаните или да се излезе и да се гласа „не“ на поставеното прашање, како што има и размислувања дека треба да се даде позитивен одговор во име на интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ.
Од кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов засега не прецизираат каков ќе биде неговиот повик до граѓаните. Од досегашните негови јавни настапи, и од говорот на 2 август на Мечкин Камен, јасно е дека тој е против Договорот со Грција, смета дека е лош и не го прифаќа.
Својот став досега јавно го објави пратеникот и поранешен министер за надворешни работи од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, кој деновиве на својот фејсбук-профил наведе неколку причини зошто ќе го бојкотира референдумот за промена на името закажан за 30 септември.
Власта веќе најави дека референдумот ќе биде консултативен. И за консултативен и за задолжителен референдум потребно е мнозинство од над 900 илјади гласачи и половина од тие треба да гласаат потврдно.

Треба да знаете
Последни објави