Search

Мицкоски во Аеродром: На власт се политички измамници кои за пари тргуваат со националниот идентитет

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се обрати на митинг пред граѓаните во општина Аеродром.

Од неговата партија информираат дека Мицкоски пред присутните посочил оти народот се соочува со политички измамници на власт, предводени од Зоран Заев кои, како што рекол, тргуваат со државниот и националниот идентитетот само заради фотелји и пусти пари.

„Заев се обидуваше да ги манипулира граѓаните, велеше дека немало време за химната бидејќи доцнел авионот на Ципрас за да неколку дена подоцна ја каже вистината, а таа е дека се коцкаше со македонската химна за да не му направи проблем на неговиот нов пријател во неговата земја“, истакнал лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој нагласил дека на претстојните избори граѓаните имаат две опции.

„Од едната страна е Стево Пендаровски избран на деспотски начин заедно со тие кои во транзицијата уништија илјадници животи, а од друга страна ја имаме професорката Гордана Сиљановска Давкова како бескомпромисен борец за правото и заштитник на Уставот и законите во Република Македонија“, рекол Мицкоски и констатирал дека изборот за иден претседател е повеќе од јасен.

Тој пред присутните истакнал дека после илјадници поминати километри низ државата заклучил дека сите граѓани се одлучни дека никогаш полошо во државава не било и дека насекаде се случуваат неправди.

„Затоа мора правдата да ја победи неправдата во Република Македонија“, порачал Мицкоски во Аеродром, повикувајќи ги притоа присутните да дадат поддршка за професорката Гордана Сиљановска Давкова на 21-ви април, а потоа и на 5-ти мај, за потоа, како што рекол, да дојдат предвремени парламентарни избори и оваа власт предводена од Зоран Заев и СДСМ да замине на темната страна од политичката историја.

Треба да знаете
Последни објави