Search

Митре Милошевски, кандидат за градоначалник поддржан од коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ

Кандидатот за градоначалник на ВМРО ДПМНЕ, д-р Митре Милошевски, е роден во 1963 год. во с. Битуше. Завршил основно образование во ОУ „Братство-Единство”, додека средно образование завршил во ОСУ „Свети Климент Охридски” во Охрид. Во 1987 дипломирал на Медицински факултет во Скопје, а во 2000 година специјализирал неурохирургија, исто така, на Медицинскиот факултет. Оженет, во брак со Валентина, татко на две деца Петар и Моника, од ќерката внука Ирина. Вработен во болницата за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо Охридски”.

Со какви амбиции влегувате во кандидатурата за градоначалник на Охрид?

Пред се’ во кампањата влегувам со чист образ, со достоинство и со позитивна мисла. Опкружен сум со луѓе оптимисти, луѓе кои сакаат Охрид да го видат во убаво светло. На почетокот од оваа кампања бев свесен за одговорноста која следи. Да се биде прв човек во градот е гордост, но и обврска кон ветеното. По природа сум амбициозен човек, но не за слава и престиж, ами за заеднички успех . Оттука, во ваквата кандидатура влегувам со амбиции кои ќе ми донесат успех, мене и на моите сограѓани кои веќе се изморени од празните ветувања. Живеам за подобро утре на Охрид и охриѓани. Тие знаат да направат разлика и повеќе од очигледно е дека на 21 април ќе го донесат вистинскиот избор.

Што сметате дека поседувате како кандидат или како личност, а Ве издвојува од противкандидатите?

Со сета почит кон моите противкандидати, морам да истакнам дека за да се биде татко на градот, потребно е да се има поголемо животно искуство. Станува збор за сериозна функција бидејќи градоначалникот е лицето на градот. Јас имам јасна визија за Охрид, а тоа го истакнувам и во мојата програма. Цврсто стојам зад секој кажан збор и им ветувам на моите охриѓани дека се’ што сум ветил ќе го исполнам. Имаме сила за заеднички успех. Ме знаат охриѓани и се познаваме долго, можеме и умееме за нас и за нашите деца.

Што во куси црти ќе им понудите на граѓаните на Охрид, имајќи предвид дека ќе бидете на функција околу две години?

Мојата изборна програма е изготвена за период од две години и ветувам дека истата во целост ќе ја реализирам , а во соработка со мојот тим подготвен сум да реализирам и дополнителни проекти што не се предвидени во програмата. Во Охрид примарно место зазема туризмот. Ќе се залагам за продолжување на туристичката сезона во текот на целата година. Ќе работиме на подобрување на инфраструктурата во градот и подигнување на свеста за хигиена кај секој поединец. Стратегијата за урбанистички развој на градот е со зацртани временски рамки, потребна е реконструкција на училиштата и спортските сали во нив. Ќе доделуваме стипендии за младите за да им дадеме дополнителна мотивација за образование и ред други проекти кои се наведени во програмата и апелирам до граѓаните да ја прочитаат.

Што е она што му недостасува на градот, а Вие сметате дека имате капацитет да го создадете?

Се надевам дека ќе направам и повеќе од тоа што е предвидено во програмата. Она што му недостасува на Охрид пред се’ е непосредна комуникација меѓу локалната самоуправа и граѓаните. Доколку бидам избран за градоначалник на Охрид, прво што ќе направам ќе биде формирање на најквалитетен стручен тим кој ќе ми помага да менаџирам. Мојата канцеларија ќе биде отворена за секој граѓанин од нашата општина. Ќе се соочувам со граѓаните без разлика на различностите, ќе ги слушам нивните идеи и ќе ги имплементирам. Она што сметам дека го поседувам како човек е да направам во градот да има позитивна атмосфера и секој еден поединец да се чувствува убаво, да нема јаз меѓу нас, туку напротив да владее мир и хармонија.

Доколку Ве изберат, како ќе кохабитирате со централната власт, имајќи предвид дека сте спротивставени страни?

Кога станува збор за доброто на градот и луѓето кои живеат во него, не треба да се гледаат спротивните страни. Ние имаме спротивна политика, но заедничка цел во оваа држава е да работиме во интерес на граѓаните и за подобрување на квалитетот на живот. Не сакам да помислам дека доколку бидам избран за градоначалник на Охрид, централната власт би ми правела тенденциозни опструкции. Јас сум се докажал во својот приватен и професионален живот како човек кој не прави поделби по никаков основ, а најмалку по припадност на различни политички убедувања. Според тоа, не гледам причина за несоработка со централната власт.

Доколку победите, дали охриѓани и пациентите ќе го загубат Д-р Милошевски?

Моето мото е да помагам, и во добро и во лошо и секогаш тука за сите. За доброто на моите сограѓани секој момент сум го посветил и ќе го посветувам на нив, и во целиот досегашен работен ангажман во секое време сум бил и во иднина секако дека ќе бидам достапен. Ако ме изберат за градоначалник нема да се доживувам како градоначалник кој ќе биде дистанциран од граѓаните, напротив, ќе бидам рамо до рамо со нив, што впрочем и сум го докажал во мојата професија, како доктор. Значи за граѓаните ќе имам време и како доктор, и како градоначалник.

Треба да знаете
Последни објави