Search

Миркуловски: Короната и повредите си го направија своето, ќе играм на баражите

Еден од најискусните ракометари во оваа македонска ракометна репрезентација Филип Миркуловски објави дека по завршување на оваа сезона заминува во пензија, но ќе ги игра мундијалските баражи за Македонија во битка за се продолжи континуитетот на настапи на ракометната селекција на големите натпреварувања.

Македонија со убедлив пораз и без освоен бод го заврши ова Европско првенство, а Миркуловски објави дека после завршувањето на сезоната оди во пензија и ќе се посвети на тренерската работа.

„Ако здравјето ме послужи дефинитивно за баражите ќе бидам присутен, но дефинитивно ова е моја последна сезона како клупска, така и репрезентативна, потоа ќе се посветам на тренерската работа. Останувам во Вецлар како помошник“, рече Миркуловски.

Средниот бек посочи дека имале големи очекувања за ова Европско, но ковид-проблемите и повредите биле пречка за подобар настап на Македонија.

„Сите ние имавме големи очекувања сѐ додека не се случија тие повреди и ковид-проблемите. Сѐ почна со повредата на Дејан Манасков, па Никола Митревски, за на крај и Кире Лазаров ден пред стартот на ЕП да се повреди, па проблемите со ковид-19 со Никола Митревски, Столе Стоилов… Ќе беше поинаку да бевме сите на број, но ете не бевме кадарни сега да освоиме бодови, а и ја видовме Црна Гора колку е силна, после денешната победа со Словенија за пласман во втората ваза. Вечерва сакавме да покажеме убава игра, за наша душа, ама ете загубивме со 10 разлика. Сепак Данска е врвна екипа, иако одмараше и дел од играчите. Тие се број еден фаворити на ова ЕП и ние загубивме од најдобриот тим“, додаде Миркуловски.

Треба да знаете
Последни објави