Search

МИОА: Извештајот на вработени во јавниот сектор ја прикажува реалната бројка

Дополнителната заменичка министерка Невенка Стаменковска Стојковски, немајќи докази за да ги побие објавените бројки во Извештајот на вработеи во јавниот сектор за 2019-та година го критикува временскиот период на кој се однесува Извештајот. Имено, согласно Законот за вработени во јавен сектор, донесен за време на ДПМНЕ, Извештајот се објавува „најдоцна до крајот на првото тримесечје во тековната година, за претходната календарска година”.

Тоа го истакнува Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) во реакција на денешната изјава на Стаменковска Стојковски, и потенцира дека Извештајот објавен вчера, на овој начин се објавува од 2016.та година и временската рамка никогаш не била спорна.

Според МИОА, Извештајот покажува зголемување на бројот на вработени за 832 лица, односно за 0,6 проценти, споредено со 2018-та година. Бројка, што ДПМНЕ не може да ја прифати затоа што не одговара на нивните лажни проекции и дезинформации за илјадници нови вработени, кои изминатиот период ги пласираа во јавноста, стои во реакцијата.

ДПМНЕ, дополнуваат, продолжува да шпекулира и да презентира селективни информации, но кога од другата страна се соочуваат со анализи и извештаи кои се резултат на законски пропишани правила, единствено што им преостанува се хаотични тврдења. Дополнително, забораваат дека има вработени кои го напуштаат јавниот сектор и апсолутните бројки мора да бидат резултат на анализа и на новите вработени, но и на лицата кои се пензионираат или доброволно заминуваат во приватниот сектор, велат од МИОА.

Претходно Стаменковска Стојковски изјави дека  министерот Дамјан Манчевски со објавата на Извештајот официјално го потврдил она што се обидувал да го сокрие,  односно дека под водство на СДСМ државата достигна рекорден број на вработени во јавната администрација во својата историја.

– Превработувањето во институциите, непотизмот и бруталната партизација се единственото нешто што СДСМ систематски го прави во јавниот сектор. Бројот на вработени во јавната администрација расте секоја година, а тоа го докажуваат дури и бројките кои самите ги објавуваат. Податокот во Извештајот на Дамјан Манчевски за 132 илјади и 900 лица вработени во институциите од јавниот сектор претставува историски најголем број кој некогаш го имал јавниот сектор во Република Македонија. Но, вистинската слика е уште полоша, ако се земе во предвид дека селективните информации во Извештајот воопшто не ја прикажуваат моменталната реална состојба на бројот на вработените во јавниот сектор, рече Стаменковска Стојковски.

Треба да знаете
Последни објави