Search

Министерство за здравство: Не постои поврзаност помеѓу министерот Филипче и објектот во Горно Нерези

ВМРО-ДПМНЕ пласира невистини, шири лажни вести и манипулира со јавноста со конструкцијата за изградбата на извесен објект во Горно Нерези, реагираат од Министерството за здравство, по обвинувањата изнесени од портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

„Не постои никаква поврзаност помеѓу министерот Венко Филипче и наводниот објект. Доведувањето во врска на министерот за здравство Венко Филипче и неговото семејство со сопственоста на овој објект е демантирано повеќе пати како невистинита, тенденциозна и произволна конструкција. Пласирање во јавност на веќе демантирана вест е безобразно и неетички. Дезинформацијата за какви било релации на министерот и неговото семејство со објектот во Горно Нерези е демантирана од сите инволвирани страни и ВМРО-ДПМНЕ тенденциозно прави случај кај што не постои основа.

Министерот за здравство Венко Филипче бара јавно извинување од портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски заради пласирање невистини и поврзувањето на министерот и неговото семејство со изградбата и сопственоста на овој објект.

Со пласирање на ваквите невистини ВМРО-ДПМНЕ прави обид да го дискредитира името на министерот Филипче, неговото семејство, функцијата министер за здравство и воопшто институцијата Министерство за здравство.

Секоја набавка на медицинска опрема или материјал потребен за јавните здравствени установи низ целата држава се одвива преку јавна и транспарентна тендерска постапка, каде се запазени правните и законските регулативи. Така што, целосно е исклучена можноста за какво било влијание врз тендерската постапка од страна на министерот или кое било друго лице од Министерството за здравство“, се наведува во реакцијата на Министерството.

Треба да знаете
Последни објави