Search

Министерот Исмаили оствари средби со раководствата на саемите на книгата во Франкфурт и во Лајпциг

Во рамките на својата работна посета на најголемата книжевна манифестација во европски рамки, Саемот на книгата  во Франкфурт, министерот за култура Хусни Исмаили оствари работни средби со раководствата на интернационалните саеми на книгата во Франкфурт и во Лајпциг.

Министерот за култура Исмаили на средбата со директорот за меѓународна соработка на Саемот на книга во Франкфурт, Тобијас Вос, го изрази своето задоволство што Република Северна Македонија традиционално неколку години е присутна на овој саем, кој е еден од најголемите и најзначајни саеми во Европа. На средбата, министерот за култура потенцираше дека Саемот во Франкфурт, кој годинава го има своето 71. издание, е можност да се претстави домашното творештво пред европската и светската културна јавност, како и другите потенцијали на државата од економски, туристички и друг аспект.  На средбата беше нагласено дека во Република Северна Македонија се прават напори за олеснување на пробивот на авторите на меѓународниот пазар преку соодветни мерки, како што е Конкурсот за странски издавачи, а беа разменети мислења за можностите за соработка и  промоција на домашното творештво. Исто така, беше изразен интересот за поголема соработка со германските издавачи и автори, како и, се разбира, подготвеноста и интересот за државно претставување на Република Северна Македонија во рамките на програмата „Почесни гости” на Саемот на книгата во Франкфурт.

Министерот за култура Исмаили во рамките на работната средба со Оливер Зиле, директор на Саемот на книгата во Лајпциг, го истакна задоволството што македонските автори во неколку наврати биле дел од овој реномиран саем, кој е втор по големина во Германија по Саемот во Франкфурт. Министерот за култура нагласи дека и Саемот во Лајпциг е исклучително корисен за претставувањето на домашните автори и творештво, но претставува и можност за размена на информации за нови публикации, како и за актуелните и идните трендови во германското говорно подрачје и на европските пазари.

Министерот за култура Хусни Исмаили, по работната посета на Германија, патува за Рим, Италија, каде што ќе присуствува на премиерното прикажување на најновото остварување на Милчо Манчевски, филмот „Врба”, чија премиера е закажана за 19 октомври во рамките на Римскиот филмски фестивал.

„Врба” е шестиот долгометражен филм на Милчо Манчевски. Филмот е во продукција на „Банана филм” и е македонско-унгарско-белгиска копродукција, со учество и на Албанија.

Треба да знаете
Последни објави