Search

Министерот за култура Исмаили се обрати на Јавна расправа за Охридскиот Регион

Министерот за култура Хусни Исмаили денеска во Клубот на пратениците се обрати на Јавната расправа за Нацрт-планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион 2019 – 2028 г. и за Нацрт-извештајот за стратегиска оцена на животната средина за планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион 2019 – 2028 година. Во своето излагање, министерот за култура Исмаили нагласи дека Работната група, составена од експерти од повеќе надлежни институции, во изминатиот период посветено работеше на имплементација на препораките од УНЕСКО во насока на зачувување на статусот на светско наследство на природното и културното наследство во Охридскиот Регион.

„Во контекст на денешниот настан, сакам да информирам дека овие материјали што се ставени на јавна расправа во работна верзија, до почетокот на декември ќе бидат достапни за јавноста на веб-страниците на Министерството за култура и на Министерството за животна средина и просторно планирање, при што апелирам сите заинтересирани релевантни чинители да се произнесат со свои забелешки. Оние коментари што ќе се прифатат, ќе бидат вградени во Нацрт-планот, по што тој ќе биде доставен до Владата на Република Северна Македонија на разгледување и усвојување. Во меѓувреме, Нацрт-планот е испратен и до УНЕСКО за доставување забелешки”, нагласи во своето обраќање министерот за култура Исмаили. Тој потенцираше дека со изработката на Планот за управување се создава национална платформа за управување со исклучителните вредности на Охридскиот Регион како светско наследство, а со неговата имплементација ќе се осигури интеграција на културното наследство во современите економски цели со заемно разбирање и одржлив развој и унапредување на исклучителната вредност како еден од главните потенцијали на препознатливост на Регионот на картата на светот.

На Јавната расправа обраќања имаа и Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање, и Едмонд Адеми, министер без ресор задолжен за дијаспората. На настанот се одржа и јавна презентација на Нацрт-планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион 2019 – 2028 година, на која со свое излагање се осврна Ана Петровска, државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, како и  Зоран Павлов од Комисијата за управување со културното и природното наследство на Охридскиот Регион. На јавната презентација на Нацрт-извештајот за стратегиска оцена на животната средина за планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион 2019 – 2028 година зборуваше Мартина Блинков, дипл. еколог  од  Градежниот институт на Македонија.

Овие два значајни документи до почетокот на декември ќе бидат јавно достапни на веб-страницата на Министерството за култура и на Министерството за животна средина и просторно планирање за доставување забелешки.

Треба да знаете
Последни објави