Search

Министерот за култура Исмаили имаше средба со рускиот колега Медински во Санкт Петербург

Министерот за култура Хусни Исмаили синоќа во рамките на Меѓународниот форум за културна соработка во Санкт Петербург оствари работна средба со својот колега,  министерот за култура на Руската Федерација, Владимир Медински.

На средбата министрите разговараа за досегашната успешна соработка во делот на културата меѓу двете земји, која досега резултираше со реализација на повеќе  квалитетни содржини како пред руската така и пред македонската публика. Исмаили го информираше рускиот министер дека неодамна голем интерес кај македонската јавност предизвика изложбата „100 раритети на руската државност“. Тој додаде и дека изложбата, која беше отворена во Музејот на македонската борба, претставува потврда за длабоките врски на Русија со словенските земји, но и го потврдува пријателството меѓу нашите две држави. Истовремено, беше истакната и соработката во рамките на УНЕСКО, како и во рамките на Меѓународната фондација „Форум на словенските култури“, преку која се реализираат заеднички проекти и активности со кои се зачувуваат културните традиции на словенските народи.

Министрите Исмаили и Медински изразија уверување дека пријателските односи меѓу нашата земја и Руската Федерација и во наредниот период ќе придонесат за продлабочување на релациите во областа на културата со уште понагласена динамика.

Треба да знаете
Последни објави