Search

Министерот Бочварски се сретна со Комората на овластени архитекти и инженери

Примена на Законот за урбанистичко планирање и очекувањата од законот за градење, беа дел од темите на кои претставници на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, денеска, разговараа со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

Од Комората информираа дека на средбата со членовите на Управниот одбор, министерот добил информации и околу тарифникот за урбанистичко планирање и тарифникот за инженерски услуги, како и состојбата и потребата од обуки за примена на еврокодови.

– Чест ми е што остварив средба со Комората, каде се запознав со  предизвиците и потребите на архитектите и инженерите и со ефикасното работење на Комората која е одлична пласирана во меѓународни рамки. Министерството за транспорт и врски секогаш е отворено за соработка и во таа насока заеднички ќе работиме на подобрување на дејноста. Очекуваме Комората да биде уште поактивна во дискусиите за донесување на новите законски и подзаконски решенија во сферата на градбата. Се надевам на натамошна успешна соработка за потребите на министерството и неговите активности. Овој сектор треба да го направиме уште поквалитетен, ја пренесува Комората изјавата на министерот Бочварски.

Инженерите и архитектите побарале поддршка од Владата за обуки за употреба на еврокодовите.

– Со министерот Бочварски разговаравме за актуелни прашања од коморското работење. Го запознавме со нашата организација и потребите од донесување и примена на одредени законски решенија, како и тарифникот за урбанистичко планирање и тарифникот за инженерски услуги. Многу важно прашање се и еврокодовите и нивната примена за усогласување во работењето со европските колеги, изјави претседателот на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, проф. Миле Димитровски.

Комората искажала подготвеност за целосна соработка и ставање на располагање на сите технички и интелектуални капацитети за реализација на законските решенија кои се очекува да бидат донесени.

Треба да знаете
Последни објави