Search

Министерката Костадиновска Стојчевска и грчката амбасадорка Софија Филипиду во посета на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново

 Министерката за култура Бисера Косрадиновска Стојчевска и амбасадорката на Грција во Северна Македонија, Софија Филипиду, извршија увид на конзерваторските работи што се вршат на црквата „Св. Ѓорѓи“ во преспанското село Курбиново.

Проектот за заштита на црквата, фреските и комплетното културно наследство го вршат Завод и Музеј-Битола и реномираниот Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун.

-Пред две години, започна заедничкиот пат на стручњаците од двете соседни земји, кои за прв пат се среќаваат на вака високо институционално ниво. Во изминатиов период, колегите од Завод и Музеј-Битола и од Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, по потпишаниот Меморандум, ги здружија професионалноста, техничките можности, знаењето, искуството, резултатите од претходните истражувања, и современите методи, и посветено се вложија во проектот на кој со децении се чекаше. И стручната и пошироката јавност со право чекаше и бараше итна заштита на исклучително вредното културно наследство, на црквата „Св.Ѓорги“ во Курбиново, чии фрески се редок пример на византиското ѕидно сликарство, истакна министерката Костадиновска Стојчевска во Курбиново.

Во изјава за медиумите, Костадиновска Стојчевска потсети дека заедничката работа помеѓу колегите од Солун и од Битола, донесе високо стручна конзервација на фрескоживописот од 12 век, на оригиналните фрески меѓу кои е и фреската на Архангел Гаврил, познатиот Ангел од Курбиново.

-Сведочиме на резултати кои со децении ги посакувавме, а кои ги добиваме токму сега, работејќи посветено, со грижа и поддршка што засилено ги вложуваме во заштитата на црквата во Курбиново во последниве 5 години. Сакам да истакнам дека конзервацијата на ѕидното сликарство на еден од највредните споменици на културата од византискиот период даде свој придонес и за унапредување на културната соработка и билатералните односи на двете земји, размена на искуства и поврзување на стручната јавност. Оваа соработка е модел за идни соработки во сферата на заштитата и во афирмацијата на заедничките културни добра, нагласи Костадиновска Стојчевска.

Амбасадорката на Грција Софиа Филипиду на прес конференција во Курбиново предочи дека реализацијата на проектот е во функција и пример на тесна билатерална соработка.

-Проектот ќе продолжи за што ќе придонесат група конзерватори од Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун предводен од д-р Флора Карајани, со поддршка на грчкото Министерство за култура, но и со други конзерватори од Грција, кусо изјави амбасадорката Карајани.

Во оваа фаза од конзервацијата, стручните лица користеја современи технологии и техники на истражување, ласерско скенирање на објектот, инфрацрвени камера, мултиспектрална камера и други техники за да се утврди како некогашните зографи работеле и ја граделе црквата „Св. Ѓорѓи“, беше соопштено на прес конференцијата што се одржа во Курбиново.

Треба да знаете
Последни објави