Search

Минатата недела 87% повеќе заразени со Ковид-19 во споредба со претходната

Министерството за здравство информира дека минатата недела, од 5 до 11 октомври, тестирани биле вкупно 13.028 материјали за Ковид-19, или 32,5% повеќе во однос на неделата претходно.

„Регистрирани сe 2.243 нови позитивни случаи од 33 града во државата, што претставува зголемување од 86,5% во однос на претходната недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=1155; 51,5%), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Гевгелија – 215,1/100.000“, се наведува во соопштението кое се повикува на Извештајот од институтот за јавно здравје.

Процентот на позитивни случаи од направените тестови во овој период изнесува 17,2% и е за 5% поголем во однос на претходната недела.

„Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст 30-39 (n=456, 20,3%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40-49 (n=440; 19,6%), 20-29 (n=414; 18,5%), над 60 (n=405; 18,1%) и 50-59 (n=343; 15,3%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=53; 2,4%) и 10-19 години (n=132; 5,9%)“, објаснуваат од ресорното министерство.

Во текот на минатата недела, од случаите кои се епидемиолошки истражени (n=1.347; 60,1%), регистрирани се 94 (7,1%) хоспитализирани, а кај 319 (23,7%) лица е регистрирано присуство на коморбидитети. Од вкупниот број на нови случаи, 513 (38,1%) имале контакт со потврден случај. Регистрирани се 22 (1,6%) лица со историја на патување (во последните 14 дена).
По добиени два негативни теста, како оздравени се водат 815 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е за 29 повеќе споредено со претходната недела.

„Пријавени се 31 смртен случај од 15 градови, за еден повеќе од претходната недела. Во однос на возраста, 26 лица биле над 60 години, а 4 лица на возраст од 50-59 години. Само едно лице е од возрасната група 40-49 години. Коморбидитети се регистрирани кај 24 починати лица“, стои во соопштението.

Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје се објавува на неговата официјална интернет-страница.

Треба да знаете
Последни објави