Search

Милошоски: Заев ги помина сите црвени линии кои може народот да ги поднесе

Интегрален текст од обраќање на Антонијо Милошоски, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во собраниската Комисија за надворешна политика

„Денес сакам да констатирам дека имаме доволен број на пратеници во комисијата за надворешна политика, но исто така би сакал да констатирам и една работа дека имаме еден премиер којшто ја распродава државата. И сметам дека денес не е приоритетно да имаме комисија за надворешна политика  за една ратификација, туку поприоритетно е да го кажеме нашиот став за еден чоек којшто е спремен да распродаде се, вклучително и дел од нас тука доколку е неговото политичко преживување во прашање без оглед на жртвите, достоинството, граѓаните Уставот, слобода, сегашноста и иднината на Македонија.

Сакам да укажам неколку работи. Прво да изразам огромно незадоволство од тоа што господинот Заев на еден подмолен нечовечки и недостоинствен начин, во едно интервју дадено вчера на медиумите во Македонија и соседна Бугарија, се откажа од придобивките  народноослободителната војна којашто е темелот на создавањето на оваа држава и е темелот на создавањето на темелот во Собранието во коешто ние заседаваме.

Вчера Заев, го понижи и се откажа од Кочо Рацин. Вчера Заев ја понижи и се откажа од Естреја Овадија – Мара, народниот херој од Битола. Вчера Заев гои понижи и се откажа од идеалите на Неџат Аголи кој заврши на Голи Оток. Вчера Заев се откажа и го понижи и ја испогани жртвата на Стив Наумов, кој што беше убиен во Ресен. Вчера Заев заборави дека Кузман Јосифоски Питу и Лиман Каба заедно формираа народноослободителен кружок во Дебар и со нивните жртви овозможија оваа држава да се создаде и овозможија денес да има е образование, војска, Собрание, пратеници, народ, Устав, достоинство, да имаме држава.

Затоа сметам, почитувани колеги пратеници од комисијата за надворешна политика дека денес не е време да држиме седница за ратификација којашто можеме да ја поминеме кога и да сакаме, денеска е време кога треба да бидеме со народот на протест, без разлика дали некој е од СДСМ или ЛДП, без разлика дали е некој од БЕСА или Алијанса, без разлика дали некој е од ДОМ или од друга партија. Ние сите и народни партии, и конзервативни и либерални, центар, и социјалдемократски, левичарски денес треба сите да излеземе на протест за да му кажеме на овој човек дека треба да запре. Дека во државата има повеќе достоинство отколку што тој има интерес да го распродава државното, националното и традиционалното стекнато богатство како слободата, со многу жртви и во Илинден и во АСНОМ и после тоа.

Сметам дека господинот Заев ги помина сите црвени линии што може народот да ги поднесе. Сметам дека на ваквото понижување треба да му ставиме точка. Затоа оваа седница за комисијата за надворешна политика нема да ја отпочнам и ве повикувам сите заедно вечер со граѓаните да се придружиме на протест и да ги оправдаме и честа и жртвите и на Македонците и на Албанците, Евреите, Турците и на сите други коишто ги положиле за создавањето на оваа држава и да му кажеме стоп на овој човек кој што делува како неурамнотежен политичар и ги распродава интересите на Македонија само за свои краткорочни политички цели.

 

Треба да знаете
Последни објави