Search

Милиони луѓе учествуваат во глобалните протести за климата

Милиони луѓе ширум светот денеска учествуваат во глобалните протести за климата.

Луѓето ширум светот ги повикаа светските водачи да преземат итна акција на самитот на ОН за климата за да спречат еколошка катастрофа.

Протестите се планирани во околу 150 земји и беа инспирирани од 16-годишната шведска активистка Грета Тинберг, која ќе го предводи митингот во Њујорк.

Организаторите соопштија дека 300.000 луѓе се собрале ширум Австралија, јави Би-Би-Си.

Со транспаренти: „Океаните се зголемуваат, но и ние” или „Не ја започнавме кризата, но се бориме против неа”, студентите протестираа денеска во Сиднеј, Мелбурн, Алис Спрингс и други австралиски градови.

Голем број луѓе се собраа во Берлин. Грета Тунберг напиша на Твитер дека има повеќе од 80.000.

 

Двајца демонстранти уапсени се во Лондон за нарушување на јавниот ред и мир, соопшти полицијата.

Протести имаше и во Копенхаген, Хелсинки и Стокхолм.

Неколку илјади луѓе се собраа во главниот град на Данска, носејќи чадори и транспаренти „Законодавци, запознајте се со вашата клима”.

Во главниот град на Финска, еден човек облечен во костум на Дедо Мраз носеше транспарент пред зградата на Парламентот: „Мојата куќа гори, елените не знаат како да пливаат”.

 

Илјадници студенти се собраа во Прага и во други градови низ Чешка. Тие носеа транспаренти „Повеќе Љубов, помалку јаглен” и „Наука, не молк”.

Протести имаше и во Словачка, вклучително и Братислава.

Во Москва протестира само едно лице, Аршак Макичијан, кој организира протести речиси половина година. Владата редовно ги отфрла неговите апликации за групни протести.

Нигеријците во Абуџа и Лагос, како и во Најроби и Преторија, исто така излегоа на улиците.

Се протестира на Соломонските острови, според фотографиите објавени на Твитер од еколошката организација 350 Пацифик.

Најголемите протести против климатските промени во историјата на земјата се очекуваат во Индија. Два марша ќе се одржат во главниот град Њу Делхи и протестите треба да траат една недела.

Стотици претежно помлади луѓе се собраа и во Кабул, а на чело на колоната, неколку девојчиња носеа транспарент „Петок за иднината”.

Мала група демонстранти протестираа и во Токио, додека околу 3.000 деца маршираа пред Парламентот во Бангладеш.

Треба да знаете
Последни објави