Search

Милевски: Време да се напушти моделот на институционална и да се отпочне со функционална децентрализација

И покрај високите очекувања за отпочнување на преговори со Европската Унија, во октомври, од Самитот во Брисел пристигна поразителната вест. И покрај вонредните напори на Владата за враќање на земјата на Евроатланскиот пат, граѓаните на нашата земја доживееја големо разочарување, рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски во рамките на Седница на Заедничкиот консултативен комитет  на региони на Европската Комисија.

-Преговорите за членство во Европската Унија беа и се уште се најголемата надеж за градење на модерна, демократска држава која што ќе се интегрира во Европското семејство врз основа на европските вредности за правда, демократија и добро управување. Ние не се откажуваме. Големо охрабрување е нашето сега веќе извесно членство во НАТО, особено по Самитот во Лондон каде што нашите претставници седнаа на иста маса со сите други земји, членки на Алијансата, рече Милевски.

Тој појасни дека оваа Влада во изминатите две и пол години покажа дека многу јасно ја препознава и ја признава улогата на локалните власти во демократскиот и економскиот развој на државата и во процесите на интегрирање на земјата во ЕУ,  како година на интензивен дијалог меѓу локалната и централната власт, секогаш во тесна соработка со ЗЕЛС, со цел да се создадат услови за продлабочување на децентрализацијата на власта, но и да се подобри финансиската стабилност и функционалноста на општините.

-Сега кога Владата го отвори прашањето за трансфер на нови надлежности и ресурси, приоритет е финансиското консолидирање на општините и продолжување понатаму врз основа на принципот на Европската повелба за локална самоуправа-трансферот на надлежности соодветно да биде следен со финансиски средства. Особено ме радува што темата на овој состанок е локалниот економски развој. Ќе ни бидат драгоцени вашите искуства и добри практики, особено по прашањето за различните модели за обезбедување на поголема финансиска стабилност и самостојност на општините, што е услов за поттикнување на локалниот економски развој, вели Милевски.

Тој рече дека нашите помали и руралните општини немаат доволен фискален капацитет. Изразено во бројки, приходите на руралните општини изнесуваат само 14.22% од вкупните приходи на сите општини во 2017 година.

-Се уште процесот на децентрализација кај нас го нема достигнато  нивото на избалансираност меѓу надлежностите и средствата и тоа се одразува на работењето на општините.  Потребно е поголемо ангажирање на локалните власти за прибирање на сопствените даноци и такси, порационалното трошење на јавните средства, но за функционалноста на општините исто толку е важна и доволноста на финансиските ресурси. Време да се напушти моделот на институционална и да се отпочне со функционална децентрализација, кажа Милевски.

Министерството за локална самоуправа  отпочна и со оценка на имплементацијата на Законот за локалната самоуправа, со што се констатираат сите слабости во системот и се предлагаат решенија за надминување. Процесот е инклузивен, вклучени се и градоначалниците и локалната администрација и граѓанскиот сектор, по што ќе бидат подготвени и препораки за изменување и дополнување на Законот.
Преку спроведување на политиката на рамномерен регионален развој, Министерството за локална самоуправа континуирано работи и на поттикнување на развојот на општините преку кофинансирање на проекти.  Оваа година со околу 7 милиони евра се финансирани 117 проекти за изградба на локална инфраструктура, како што се локални патишта, пешачки и велосипедски патеки, улично осветлување, уредување на јавни површини, реконструкција на градски пазари, изградба на детски градинки, обезбедување на енергетска ефикасност на јавни објекти, инфраструктура за алтернативен туризам. Средствата за наредната година се зголемени на 8 милиони евра. Иако има тенденција на зголемување, во однос на 2017 година средствата се дуплирани, сеуште не се доволни за реализација на проекти кои што ќе имаат поголемо влијание на развојот и на намалување на развојните разлики.

-Потребно е редизајнирање на политиката на што сме посветени во овој период. Министерството за локална самоуправа со експертски тим работи на оценка на имплементацијата на Стратегијата за регионален развој 2009-2019. Врз основа на наодите и препораките ќе пристапиме кон подготовка на новата Стратегија. Исто така се работи и на подготовка на нов Закон за рамномерен регионален развој. Ако спроведувањето на политиката на рамномерен регионален развој во изминатата деценија не дало резултати, значи работите треба да се менуваат. Но исто така е потребна посветеност и искрен однос, поголема координација меѓу ресорните министерства, меѓу централната и локалните власти и лидерство што може да го превземе Министерството за локална самоуправа со зајакнување на човечките капацитети  и финансиски ресурси за поттикнување на локалниот и регионалниот рамномерен развој, истакна Милевски.

Министерството за локална самоуправа има искуство и во управување со ИПА Програмата за прекугранична соработка, финансирана од страна на Европската Унија. Ова е единствениот ИПА Инструмент кој што директно им е ставен на располагање на општините. Во вториот програмски период кој што сеуште трае и е актуелен до 2020 година, во рамките на Програмите за прекугранична соработка на нашата земја со Бугарија, Грција, Албанија, Косово и со Србија и преку транснационалната програма Балкан Мед се склучени договори за реализација на 112 проекти во вредност од 10,6 милиони евра, средства што ги обезбедува Европската Унија. Националното кофинансирање од 15% го обезбедува Министерството за локална самоуправа од Буџетот на државата.

-Покрај овие средства, значителна е и актуелната донаторската поддршка за општините што се реализира преку проектот Зајакнување на општинското управување, финансиран од Европската Унија, преку проектот за Зајакнување на општинските совети, финансиран од швајцарската Влада, како и преку проектот Оддржлив и инклузивен рамномерен регионален развој, што Министерството го имплементира исто така со поддршка на швајцарската Влада. Делегацијата на Европската Унија  отпочнува  нов проект наменет само за општините, вреден 6 милиони евра, појасни Милевски.

Треба да знаете
Последни објави