Search

Мизрахи-Галовеј: Зацврстување на соработката за подобрување на процесите на социјална кохезија

Министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи на работната средба со амбасадорката на Обединетото кралство Велика Британија и Северна Ирска, нејзината екселенција Рејчел Галовеј изрази задоволство од силната поддршка што ја добива министерството со кое таа раководи од Обединетото кралство.

На срдечната средба министерката Мизрахи и амбасадорката Галовеј разговараа за сегашните и идни процеси поврзани со областите за кои е надлежно Министерството за труд и социјална политика, а кои Обединетото кралство силно ги поддржува. Министерката Мизрахи побара поддршка на процесот за подобрување и унапредување на системите на социјалната и детската заштита со цел да се постигне посакуваната форма инситуциите конечно да бидат сервис на граѓаните и да им служат на нивните интереси. Амбасадорката Галовеј ја истакна целокупната заложба на Обединетото Кралство за поддршка и подобрување на политиките и праксите за социјална кохезија и прифаќањето на различностите во нашето општество. Во таа насока, рече дека силно го поддржуваат и го охрабруваат процесот на деинституционализација кој е започнат во рамките на министерството, а со кој се очекува подобрување на состојбите во институциите кои згрижуваат лица. Поддршка има и за зајакнување на капацитетите на Министерството за труд и социјална политика во спроведување на политиките и програмите за еднакви можности и недискриминација.

Треба да знаете
Последни објави