Search

Миграцијата на дневен ред на состанокот за внатрешни работи на ЕУ

Министрите за внатрешни работи на ЕУ се состануваат денеска во Брисел за да разговараат за предизвиците поврзани со миграцијата, но не се очекува значаен напредок, јави дописничката на МИА од Брисел.

Во контекст на длабока поделеност околу миграциските прашања во ЕУ и пропаднатите обиди за потемелни преговори околу реформата на азилот во ЕУ, министрите за внатрешни денеска се очекува да се фокусираат пред сѐ на соработката со третите земји, миграциските рути и таканаречените „излезни платформи”.

Нејасно е кои и колку земји се заинтересирани да се приклучат кон овие излезни механизми, предложени од Европската Комисија минатата година, во отсуство на договор за прераспоредување на барателите на азил и системот на квоти.

Министрите би требало денеска да се фокусираат на главните миграциски рути и на кој начин земјите да покажат поголема солидарност, како и на граничното управување, брифираат извори во Советот.

Ќе следува и дискусија за поддршка на африканските земји во контекст на миграциската криза.

Комесарот за миграција, Димитрис Аврамопулос, пред состанокот го повика земјите членки да ги удвојат напорите за реформата на системот на азил и побара од нив да покажат поголема политичка волја. Комесарот изрази желба земјите членки да продолжат да дискутираат за привремените излезни системи за мигрантите.

Освен миграцијата, министрите денеска ќе разговараат и за феноменот на лажните вести во пресрет на европските избори во мај како и за справувањето со терористичките закани.

Треба да знаете
Последни објави