Search

МЗШВ прави напори за слободен извоз на македонски прехранбени производи во Кина

Ќе се направат напори да се добие одобрување македонските компании слободно да извезуваат земјоделски и прехранбени производи на кинескиот пазар, беше речено на денешната работна средба на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски со владина делегација од Народна Република Кина.

Продлабочувањето на билатералната соработка во областа на царината и трговијата со земјоделски и прехранбени производи од растително и животинско потекло, беше една од темите на средбата.

Како што соопшти МЗШВ, на средбата биле иницирани и прашањата за инспекциски надзор и регулирање на карантинот на производите кои се извезуваат во Кина, а се дискутирало и за статусот на доставените барања од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за извоз на јагнешко месо, млечни и месни производи, квасец за храна во призводи за животни.

Станало збор и за потребата од ревизија на Протоколот за фитосанитарни услови за извоз на тутун меѓу Министерството за земјоделство и Генералната дирекција за квалитет, контрола, инспекција и карантин на Кина.

– Со цел продлабочување на трговската соработка меѓу двете земји, се разгледаа и фитосанитарните барања за извоз/увоз на растенија и производи од растително потекло, како и потребата од размена на искуство и обука на службеници во областа на земјоделството и руралниот развој, како и во областа на ветеринарството, безбедноста на храна и фитосанитарната политика, информира Министерството за земјоделство.

Треба да знаете
Последни објави