Search

МЗШВ: Новиот предлог Закон за тутун ќе ги олесни процедурите за тутунопроизводителите

Владата на вчерашната седница го утврди Предлог-законот за тутун, производи од тутун и сродни производи и донесе одлука да го достави до Собранието на Република Македонија, информираат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостоанство (МЗШВ).

Станува збор за комплетно нов закон со кој што ќе се подигнат стандардите на квалитетот на тутунот, но исто така и на тутунопроизводителите како клучен фактор во целиот процес на тутунопреработката. Новото законско решение предвидува укинување на евидентните листови или т.н ‘бели картони’, процес кој ќе започне да се применува од 2020 година“, велат од надлежносто министерство.

Од таму појаснуваат дека со овој закон се уредуваат производството, откупот, обработката и прометот на необработениот и обработениот тутун, производството и прометот на производите од тутун и сродните производи, како и договарањето на производството и откупот на тутунот, регистарот на откупувачи на тутун, начинот на спроведување на испитот за добивање на лиценца за процена на необработен тутун, регистарот на производители, извозници и увозници на производи од тутун и сродни производи, регистарот на марки на производи од тутун и сродни производи, електронски цигари и растителни (билни) производи за пушење, адитиви во производи од тутун, изглед и пакување на производи од тутун и сродни производи, предупредувања и информативни пораки на производи од тутун и сродни производи, финансирањето, контролата на тутунот, производите од тутун, сродните производи и адитивите.

Новите законски одредби треба да овозможат транспарентност во врска со содржината на договорите кои треба јавно да се објават најдоцна до 28 февруари во тековната година на огласна табла во седиштето на откупувачот и на локалната интернет-страница на откупувачот.

Воедно, велат од министерството, ќе се создаде можност за дополнително отворање на откупни пунктови во текот на откупот, како и други придобивки за подобрување на квалитетот на услугите и задоволството на тутунопроизводителите, откупувачите, производителите на тутунски и сродни производи, потрошувачите и бизнис заедницата од работењето на тутунското стопанство.

Истовремено, овој закон предвидува усогласување со европските директиви и најдобри примери од ЕУ во контекст на прилагодување кон европските стандарди

Треба да знаете
Последни објави