Search

МЗТ Скопје се засили со Американец и Хрват

Актуелниот македонски кошаркарски шампион, МЗТ Скопје, ги засили своите редови со Американецот Џабари Хиндс (27 год, 181 см) и со Хрватот Марин Морнар (26 год, 205 см). Тимот од Аеродром потврди дека со двајцата се потпишани едногодишни договори.

Хиндс игра на бековските позиции. Доаѓа во Скопје како најдобар стрелец во Полска, настапувајќи за екипата на Кросно, за која на 30 средби просечно постигнал 21,7 поен. Претходно, настапувал две сезони за Вест Вирџинија универзитетот, а ист период минал и во дресот на екипата од Универзитетот Масачусетс. Европската кариера ја почнува во тимот на Сигал Приштина (2016/17).  Продолжува во Унгарија, каде што игра за Атомерому.

Морнар, игра на позицијата крилен центар. Роден е во Загреб, а нема настапувано за тим од Хрватска, а првите сериозни кошаркарски чекори ги прави во дресот на Универзитетот Лајола Меримаунт за кој настапува во периодот од 2012 и 2016 година во НЦАА-лигата. Европската кариера ја почнува во данскиот прволигаш Хорсенс (2016/17), додека следната година игра за шведскиот тим Борас. Лани играше за црногорскиот АБА-лигаш Морнар, а сезоната ја заврши во австриската екипа Флајерс Велс.

Тренерот Ѓорѓи Кочов вчера ги почна подготовките за новата сезона со шестмината македонски репрезентативци: Дамјан Стојановски, Марко Симоновски, Кристијан Николов, Андреј Магдевски, Андреј Маслинко и Бојан Крстевски и со петмина млади кошаркари Иван Волкановски, Ранко Мамузиќ, Леонид Тодоровски, Бојан Стојановски и Љубиша Дитровски.

Треба да знаете
Последни објави