Search

МЗЗПР: 100% плата за секој вработен-заболен од коронавирусот на работното место

Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) достави предлог текст на уредба до Владата со која бара на секој заразен на работното место со коронавирусот да му следува целосен надоместок од плата во износ од 100%. До овој момент, на сите вработени кои пријавуваат отсуство од своето работно место поради Ковид-19, Фондот за здравствено осигурување им исплатува само 70% од плата, како за редовно боледување.

Со усвојувањето на ваква Уредба од страна на Владата целосно ќе се испочитува правото на еднаквост на граѓаните, без разлика на вера, нација, конфесија и пред сé работата која ја работат. Истовремено, земајќи ги предвид актуелните случаи на зараза со новиот коронавирус на работните места, на сите работодавачи ќе им биде отстранета недоумицата и ќе им бидат дадени јасни насоки и упатства како да постапат во случај кога нивен вработен е дијагностициран со САРС-КоВ-2 или, пак, ја развил болеста Ковид-19.

Истовремено, со усвојувањето на овој правен акт, ќе може да се оствари правото на боледување како последица на несреќен случај, односно заразување со новиот корона вирус ќе биде признаено како професионално заболување на секој работник кој работел на работно место каде постои потенцијална можност за изложеност на САРС КоВ-2. Со ваквиот пристап и регулација, правото ќе може да се оствари и доколку вработениот бил во самоизолација како резултат на контакт со потврден случај на заболен со коронвирусот на работното место.

Оваа предлог уредба има за цел да даде конкретен придонес во националната битка со Ковид-19 и очекуваме да биде усвоена од страна на Владата на првата наредна нејзина седница. Истата е подготвена од страна на работна група во која учествуваат еминентни авторитети од областите: безбедноста и здравјето при работа, труд, медицина, обврски и права на работодавачи, заштита на права на работници и други.

За остварување на оваа цел, која во време на коронакриза е од огромна важност за секој вработен, МЗЗПР писмено се обрати до Владата, Министерството за труд и социјална политика, како и до Министерството за здравство.

Потсетуваме и дека нашата организација на 14.5.2020 година се обрати до надлежните институции со барање професионалното заболување КОВИД-19, настанато од
коронавирусот, да биде признаено за сите работни места и усогласено во Правилникот
за листата на професионални болести.

Треба да знаете
Последни објави