Search

МЗД: Да се разреши составот на Комисијата која утврди дискриминација кон Груевски

Со утврдувањето дискриминација кон Никола Груевски, Комисијата за заштита од дискриминација покажа селективно и непрофесионално работење, смета Мрежата за заштита од дискриминација (МЗД). Преку соопштение, членките на МЗД велат дека со последното мислење на Комисијата во случајот со Груевски, целосно се доведува во прашањe кредибилноста за вршењето на мандатот на ова институција.

Оттаму апелираат до Собранието итно да се пристапи кон усвојување на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, врз чија основа ќе се разреши сегашниот состав на Комисијата согласно засилени критериуми за избор и пошироки надлежности за превенција и заштитата од дскриминација.

Комисијата не само што утврди дискриминација без да ја образложи дискриминаторската основа (личен и семен статус) и ја закажа седницата надвор од воспоставената пракса, туку на претставката на поранешниот премиер ѝ даде предност пред другите претставки за кои законскиот рок од три месеци е одамна истечен. Утврдувањето на дискриминација во случајот на поранешниот премиер е само уште еден показател за непрофесионалноста и пристрасноста на Комисијата, чии членови очигледно ја злоупотребуваат својата функција за да утврдуваат дискриминација кон своите политички истомисленици дури и во случаи каде очигледно нема дискриминација“, се вели во соопштението.

Од Мрежата за заштита од дискриминација додаваат дека само во последните три години доставиле 19 претставки во случаи на дискриминација кон маргинализирани групи граѓани, за кои Комисијата во просек доцни по речиси 4 месеци, а за три од поведените претставки Комисијата доцни и повеќе од една година. Наспроти ваквиот однос на игнорирање на маргинализираните заедници, велатд од МЗД, Комисијата постапи брзо и пред законскиот рок во предметот на поранешниот премиер, Никола Груевски.

Треба да знаете
Последни објави