Search

Меѓународниот фестивал Арт-Балкан по петти пат во Москва

Во Москва по петти пат се одржува Меѓународниот фестивал Арт-Балкан. Фестивалот започна на 25 април на Рускиот универзитет за технологии, дизајн и уметност „Косигин” со презентација на делата на млади уметници – победници на конкурсот „Словенскиот свет”.

Главниот настан на фестивалот се одржа на 14 мај во Московскиот дом на националностите во центарот на Москва со отворање на изложбата на ликовните дела од 46 уметници, претставници на девет земjи.

Фестивалот се одржува во времето кога во Русија свечено се одбележуваат Деновите на словенската писменост и култура, а љубителите на поетскиот збор имаа можност да уживаат во поезијата на Гане Тодоровски.

Претседателот на Професионалниот сојуз на уметниците на Русија, Сергеј Заграевски, поздравувајќи ги учесниците во Фестивалот, подвлече дека сите тие зборуваат заеднички јазик – јазик на уметноста, убавината и мирот.

Од нашата држава своите дела во Москва ги испратија Живка Коцева Караџовска, Новица Трајковски, Тони Чатлески, Каролина Мицевска и Олга Панкина која на настанот присуствуваше како претседател на невладината организација Македонски културен центар и организатор на фестивалот. Концертната програма ја отвори македонскиот пејач Дарко Тодоровски, а на настанот имаше над 100 гости.

Во Домот на националностите и во Центарот за словенски култури при Серуската државна библиотека за странска литература Олга Панкина во рамките на проектот „Читај ја Македонија!” ја презентира книгата „Македонски монолог”, избор поезиjа од академикот Гане Тодоровски во препев на руски, што ја објави руската издавачка куќа „У Никитских ворот” по повод 90-годишнината од раѓањето на поетот.

Треба да знаете
Последни објави