Search

Меѓународна конференција за моделите за регулација на дроги

Во организација на коалицијата Маргини и ХОПС, денеска започнува дводневната онлајн Меѓународна конференција за моделите за регулирање на дроги, во форма на панел-дискусии и експертски презентации.

Kонференција има за цел да иницира дискусија за моделите за регулирање на дрогата како почетна точка за декриминализација на личната употреба на дрога во Северна Македонија.

Организаторот најавува дека на првиот ден воведни обраќања треба да имаат министерите за здравство и за труд и социјална политика, Венко Филипче и Јагода Шахпаска, а на вториот министерот за правда Бојан Маричиќ.

Меѓу останатите говорници на конференцијата се најавени и извршната директорка на Фондација Отворено општество – Македонија, Фани Каранфилова Пановска, директор за Меѓународен развој на програмите за намалување на штетите (ИХРД) во рамките на Програмата за јавно здравје при Фондациите Отворено општество – Њујорк, Даниел Волф, извршната директорка на  ХОПС, Хајди Штерјова Симоновиќ, Жоаа Кастел-Бранко Гулао од потугалскиот Генерален директорат за зависнички однесувања и зависности (СИЦАД), проф. д-р Томас Забрански од Чешка, постариот советник за политики и меѓународна соработка во областа на криминалот при холандското Министерство за правда, Ханс Абма и главниот инспектор за криминал, превенција од дрога и продажба во полицијата во германскиот град Франкфурт, Томас Цозел.

– Конференцијата ќе вклучи домашни експерти од одредени институции (полиција, судство, здравство, претставници на извршна власт, политичари, граѓански организации, членови на заедницата) во дискусија околу тоа што можеме да сториме понатаму во Северна Македонија за да развиеме похумани политики за дроги, наведуваат организаторите.

Првиот ден се планира конференцијата да биде фокусирана на здравствените и социјалните придобивки од декриминализацијата, а вториот ден ќе се стави акцент на декриминализацијата на дрогите и улогата на кривично-правниот систем.

На конференцијата ќе биде претставена и публикацијата „Декриминализацијата на дрогите како основа за хумана и ефективна политика за дроги – Анализа на португалскиот и холандскиот модел на декриминализација”, како два модела од кои македонските носители на одлуки можат да научат и да започнат дискусии за можниот македонски модел за регулирање на дрогите.

Треба да знаете
Последни објави