Search

Меѓународна конференција во Атина за влијанието на климатските промени врз културното наследство

За влијанието на климатските промени врз културното наследство, за справувањето со предизвиците, за заштита на спомениците и за одредување мерки и алатки за заштита на културното наследство ќе дискутираат научници, експерти, членови на меѓународната академска заедница на дводневната конференција организирана од Грција, што започна утрово, јави дописничката на МИА од Атина.

На почетокот на Конференцијата за влијанието на климатските промени врз културното наследство, писмена порака испрати претседателот на Грција, а се обратија и министерот за надворешни работи Јоргос Катругалос и алтрнативните министри за образование и религија, Костас Фотакис и за развој и енергија, Сократис Фамелос.

-Под закана не е само иднината на нашата планета, на нашите деца, под закана е и минатото, бидејќи климатските промени се директна закана за културните споменици и наследство на човештвото, рече министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос на почетокот на дводневната конференција.

Претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос во неговата порака, која на присутните им ја прочита шефот на грчката дипломатија, истакна дека „за жал ниту културното наследство не е поштедено од влијанието на климатските промени”.

-Во пресрет на Самитот на ОН за климатските промени во септември 2019, конференцијата во Атина е организирана да испрати силна порака и да ја подигне јавната свест за да се поттикне ефективна глобална акција за ова прашање, порача грчкиот претседател и во пораката до учесниците додаде дека „климатските промени претставуваат најголем глобален предизвик, но се уште има време да се реагира, подобро порано отколку подоцна”.

Алтернативниот министер за образование и религија на Грција, Костас Фотакис порача дека „заштита на иднината на нашето минато барем во Европа, не треба да биде само желба, туку и стратешки избор”.

Дводневната Меѓународна конференција „Влијанието на климатските промени врз културното наследство: справувајќи се со предизвикот” се одржува по иницијатива на Грција, а во соработка со ОН, УНЕСКО и Меѓународната метеоролшока организација.

Треба да знаете
Последни објави